Наполи остана без два бода на „Мапеи“ стадионот, лидерот во Серија А киксираше и дозволи противникот да направи голем кам бек.
Откако во првото полувреме мрежите мируваа, Наполи поведе на стартот од вториот дел со голот на Руиз, а Мертенс по еден час игра зголеми на 0-2.
Домаќините сепак не се предадоа, преку Скамака намалија на 1-2, за во 89. минута Ферари да скокне највисоко по еден прекин и да погоди за 2-2.
Драмата продолжи во судиското надополнување, Дефрел го матираше Оспина за 3-2 и огромна радост на домаќините, но славјето го расипа ВАР, голот беше поништен поради прекршок на Берарди врз Рахмани.
Нашиот Елиф Елмас мечот го почна од клупата за резерви и шанса доби на стартот од вториот дел.
На вториот денешен натпревар во Серија А од 20:45 часот, Милан беше пресилен за Џенова и Горан Пандев и славеше со 0-3.
Ибрахимовиќ прекрасно погоди од слободен удар за 0-1 по десет минути игра, за во последните мигови од првиот дел, Месиас да зголеми на 0-2. Истиот фудбалер по еден час игра биеше прецизно по земја за 0-3.
Пандев влезе во игра кога веќе се беше решено, па не можеше да стори ништо за Џенова да избегне пораз.






