Откако Чави седна на тренерското столче на Камп Ноу, воведе неколку строги правила. Се говореше дека Жерард Пике бил еден од првите кој на своја кожа ја осетил строгоста и му било забрането да се појави во една популарна шпанска емисија.
Сепак, дефанзивецот синоќа гостуваше во „Ел Ормигеро“ и објасни како стојат работите.
„Всушност ништо не се случи. Јас одлучив да го одложам интервјуто, Чави не ми кажа ништо. Сега имавме два слободни дена и јас дојдов во Мадрид“ – вели Пике.
„Како и секој тренер, Чави постави одредени правила. Не спомна ништо за електрични велосипеди и сурфање, па не знам дали смееме да го правиме ова или не. Но да, постави одредени правила и ние ќе ги почитуваме како и секогаш“.
„Не знам дали е позитивно или не тоа што Чави ми беше соиграч, но мислам дека создава дополнителен притисок, знаете дека не смеете да го разочарате“.
Жерард Пике говореше на многу теми, а доби и зајадливо прашње, каква понуда треба да добие за да потпише со Реал Мадрид?
„Апсолутно невозможно е да потпишам со Реал. Нема шанси. Попрво ќе умрам отколку да играм за Реал Мадрид“.






