Победникот во Лигата на шампионите, Челси ќе игра против освојувачот на Лига Европа, Виљареал во битка за трофејот од Суперкупот.
Со средбата на „Виндзор Парк“ во Белфаст и официјално ќе биде означен почетокот на новата европска сезона во клупските натпреварувања.
„Има ли поубав начин да се почне сезоната отколку со Европско финале! Имам огромна почит кон Виљареал и Унаи Емери. Наскоро трофејот од Лига Европа ќе треба да го именуваат како Унаи Емери трофеј! Тој е неверојатен. Мислам дека тие ќе влезат во натпреварот со чувство дека нема што да загубат. Ние ќе направиме се за да го освоиме трофејот“, вели Томас Тухел.
Унаи Емери е специјалист за освојување на Лига Европа, но досега нема трофеј во Суперкупот.
„Сакам да го освојам Суперкупот бидејќи досега го немам освоено. Двапати учествував со Севиља и загубив двапати. На одличен начин ја завршивме минатата сезона. Сега имаме шанса уште еднаш да креираме историја и да постигнеме нешто прекрасно во пресрет на новата сезона. Суперкупот ќе покаже дали сме способни да играме против топ тим како Челси, актуелниот Европски шампион и според мене најдобриот тим во светот“, вели Емери.






