Уште една луда трка со сериозен инцидент кој може многу да влијае во трката за титулата.
По сударот помеѓу Луис Хамилтон и Макс Верстапен во Силверстоун пред две недели, попладнево на „Хунгароринг“, Валтери Ботас направи голем инцидент во првиот свиок и предизвика судар со Ландо Норис, Макс Верстапен и Серхио Перез.
Во исто време, Ленс Строл се судри со Шарл Леклер, настрада и Даниел Рикиардо, па беа покажани црвени знамиња.
При ре-стартот, само Луис Хамилтон се најде на патеката, додека сите други стартуваа од бокс со гуми за суво. Ова се покажа како грешка на Марцедес и Британецот, кој веднаш влезе во бокс и се најде на крајот на опашката.
Сепак, Луис Хамилтон ја искористи моќта на својот болид и на крајот се избори за место на подиумот. Макс Верстапен имаше оштетување на својот болид, не можеше да покаже што умее, па освои само еден бод.
Без главните конкуренти, Естебан Окон беше тој кој мина прв низ целта за своја прва победа во Формула 1.
Себастијан Фетел немаше брзина да го загрози возачот на „Алпин“ и мораше да се задоволи со второ место.






