четврток, 14 мај 2026
Прес-конференција на министерот за здравство, Азир Алиу

Утврдени сомнителни наоди кај девет случаи на кардиохируршки интервенции

Од вкупно анализирани 13 предмети поврзани со сомнежи за непотребно извршени кардиохируршки операции или непотребно упатени за операција странската Комисија кај девет случаи утврдила сомнителни наоди, во текот на дијагностичката евалуација и тоа на пример несогласување меѓу ангиографски наоди од коронографијата и писмениот извештај, по што следувало несоодветна индикација за процедурите, било да е ендоваскуларите или хируршките процедури – соопшти на денешната прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу, кој информираше за резулатите на странската Комисија за проверка на сомнителните случаи,  на кој прв укажа академик Сашко Кедев.

Објавено на

часот

Сподели

Во однос на овие случаи Комсијата оценува „дека одредени аспекти од третманот и водењето на пациентите биле под очекуваните професионални стандарди и можеби неповолно влијаело врз клиничкиот исход врз нив“.

Пациентите се на возраст од 45 до 78 години, кои што беа предмет на анализа. Анализираните случаи се однесуваат на интервенции и постапки реализирани во јавните и во приватните здравствени установи. Станува збор за случаи од неколку приватни и државни клиники и болници во земјата. Во ЈЗУ Универзитетската клиника на кардиологија, ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиохирургија, Клиничката болница-Штип, ГОБ „8 септември“, ПЗУ „Кардио арт“-Штип, Клиничка болница „Жан Митрев“ и Клиничка болница „Аџибаден систина“- рече Алиу.

Тој истакна дека овие наоди се сериозни и несмеаат да се релативизираат. Но исто така тие, вели, не смеат да се користат за генерализирање и нарушување на угледот на целата лекарска професија и за стигматизација на установите. Забележа дека голем број лекари во нашата држава работат стручно и чесно.

Меѓународната комсија од експерти беше составена  во февруари и во неа предметите, односно случаите ги разгледуваа тројца лекари специјалисти, тоа се доктор Уголини Ливи кардиохирург од Италија, доктор Никола Лакиќ кардиоваскуларен хирург од Словенија и доктор Черчер Миха интервентен кардиолог од Словенија.

„Целта беше да се обезбеди независен стручен увид, дали постојат евентуални пропусти во постапките и процедурите во случаите посочени од интерната Комисија во нашата држав, како и да помогнеме во препознавање на можните системски празнини во системот. Одговорност, транспарентност и заштита на пациентите беа водечки принципи од целиот овој процес “, рече Алиу.

Меѓународната комисија минатата недела ги има доставено наодите од стручниот увид и, како што вели министерот Алиу тие наоди во значен дел се поклопуваат со наодите на домашната интерна Комисија составена од девет членови.

„Што е особено важно дека двете Комисии работеа независно една од друга“, нагласи Алиу.

Деветте сомнителни случаи и наодите од Меѓународната комисија ќе бидат доставени до Владата, Јавното обвинителство, ДКСК и сите надлежни институции во земјата.

Експерти за МКД.мк брифираат дека случајот со деветте пациенти не може да се сведе на едноставна квалификација дека биле изведувани „непотребни операции“. Напротив, од изјавата на министерот Азир Алиу произлегува дека странските експерти укажале на сосема поинаков и поспецифичен проблем, сомнителни наоди во текот на дијагностичката евалуација.

Со други зборови, спорот не е во самиот оперативен зафат како изолирана медицинска постапка, туку во она што му претходело: коронарографијата, ангиографските наоди, писмениот извештај и индикацијата врз основа на која потоа била донесена одлука за интервенција. Кога постои несогласување меѓу ангиографските снимки и писмениот извештај, тогаш клучното прашање е дали дијагностичката документација била правилно интерпретирана и дали врз таква основа била поставена соодветна индикација за третман.

Токму тоа го посочува и формулацијата дека „по што следувала несоодветна индикација за процедурите“. Оттука, наодите на странската комисија отвораат сериозни прашања за квалитетот на дијагностичката проценка, контролата на медицинската документација и процесот на носење одлуки за ендоваскуларен или хируршки третман. Но, тие не дозволуваат поедноставен заклучок дека секоја спорна постапка автоматски значела „непотребна операција“.

Попрецизно, според досега соопштеното, суштината на проблемот е во дијагностичко-евалуацискиот дел и во поставувањето на индикацијата, а не во самиот оперативен чин. Затоа јавната дебата треба да прави јасна разлика меѓу сомнеж за погрешно или неусогласено толкување на дијагностички наоди и тврдење дека биле вршени операции без медицинска основа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ