Станува збор за визионерско решение кое предвидува изградба на пловечка пешачка и велосипедска патека, со цел да се овозможи безбедно движење на пешаците без контакт со сообраќајот на регионалниот пат. Проектот беше презентиран пред градоначалникот, општинските претставници и потенцијални инвеститори.
„Станува збор за визионерска пловечка пешачка и велосипедска патека, дизајнирана како потенцијално ново обележје што може да го трансформира урбаното искуство во Дојран“, се наведува во објавата на Меѓународниот Балкански универзитет.
Еден од менторите на тимот-студенти, професорот д-р Александар Андоновски, за МИА објаснува дека проектот се однесува на решавање на клучниот урбан проблем во Дојран – прекинот на пешачката врска помеѓу Стар и Нов Дојран, односно делот каде патеката завршува „слепо“ кај последните станбени објекти кои излегуваат на самиот регионален пат.
„Во рамки на идејниот пристап беа разработени два концепта: пловечка структура на вода, која флексибилно се прилагодува на нивото на езерото и фиксна (статична) конструкција, поставена во плиткиот појас. Двете варијанти овозможуваат и поширока просторна врска, меѓу црквата Св. Георгиј во Нов Дојран и новиот комплекс на хотелски апартмани во изградба, со што се заокружува крајбрежниот потег како функционална и атрактивна целина. Овој сегмент моментално претставува недостасувачка алка во континуираното движење покрај езерото, а основната идеја за воспоставување на пешачка патека долж крајбрежјето произлегува од мои претходни истражувања и предлози за уредување на овој потег, кои беа презентирани и пред локалната самоуправа“, вели Андоновски.
Предвидената интервенција на делот од патеката што недостасува, а треба во целост да го заокружи поврзувањето на стариот и новиот дел од Дојран е со должина од околу 250 метри, и како што објаснува професорот, би можела да се изведе од прифатливи материјали за околината.






