Од Кабинетот на претседателката соопштија дека на средбата била потврдена добрата динамика на билатералните односи, при што Сиљановска-Давкова посочила дека контактите и средбите на највисоко ниво во изминатиот период значајно придонеле за јакнење на меѓусебната доверба и политичкиот дијалог меѓу двете држави. Како важни настани биле посочени разговорите со претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, на Астана форумот и на Самитот КОП 29 во Баку, како и заедничкото учество на Дипломатскиот форум во Анталија.
„Во разговорот беше истакната заедничката заложба за унапредување на економската соработка, особено во областа на енергетиката и обновливите извори на енергија, трговската размена, како и во културата и туризмот. Претседателката го поздрави одржувањето на Вториот македонско-казахстански бизнис-форум во Скопје, како и потпишувањето на двата важни документи: Договорот за македонско-казахстански бизнис совет и Меморандумот за промоција на трговијата и економската соработка“, се наведува во соопштението.
Од казахстанска страна бил изразен особен интерес за инвестиции во слободната економска зона Бунарџик, поради можностите за полесен пристап до европскиот пазар.
Сиљановска-Давкова и Шакалиев ја реафирмирале и заедничката заложба на малите и средни држави за зајакнување на мултилатерализмот, нагласувајќи ја потребата од посилна улога на Обединетите нации во современиот меѓународен поредок.






