“Факт е дека досегашните извештаи, и домашни и меѓународни, за работата на Советот на јавните обвинители не даваа многу позитивни оценки за институционалната транспарентност. Се бара подобро образложување на одлуките и постапки кои кај јавните обвинители и кај општата јавност ќе создадат чувство дека се одлучува врз основа на јасни и мерливи критериуми и недвосмислени принципи. Но, исто така, факт е дека во последниот период, Советот на јавни обвинители направи големи чекори за да ја зајакне транспарентноста и да се трансформира во отворена и отчетна институција”, истакна Савески, нагласувајќи ја важноста на новодонесената Стратегија за транспарентност на Советот на јавните обвинители како значаен чекор во таа насока.
Савески додаде дека ако постои една област што треба да ја издвои, во која европската поддршка може да даде најголеми ефекти, за јавното обвинителство и за Советот на јавните обвинители, тогаш тоа е транспарентноста.
„Секоја поддршка тука за нас значи јакнење на јавната доверба како клучен сегмент за мерливост на успешноста на нашата работа”, рече Савески, додавајќи дека за да се премине од декларативна на суштинска транспарентност се потребни и услови, средства, соодветна кадровска екипираност со стручни служби, но и лична посветеност кон принципите на транспарентност.
Дискусијата на конференцијата е фокусирана на мисијата на Советот во заштита на самостојноста на јавните обвинители и на транспарентноста како клучен фактор во секојдневното функционирање на Советот на јавните обвинители.






