„Повеќето од овие закони се на Министерството за правда и се дел од Стратегијата за реформи во судството чие спроведување е наша обврска кон граѓаните и кон ЕУ. Дел пак, како на пример Предлог-законот за академија за судии и јавни обвинители се работени во директна координација со Европската комисија. Дополнително, сакаме да потсетиме на процедурата, односно некој закон да добие европско знаменце не е важно колку членови се усогласуваат. Важно е само дали има усогласување или не. Во случајов секако дека има. Исто така, овие закони се дел од Националната програма за усвојување на европското законодавство и го имаат потребниот ЕПП број“, се вели во соопштението на Министерството за правда.
Во соопштението се вели дека во ВМРО-ДПМНЕ тоа добро го знаат и дека министерството со жалење констатира дека наместо нивните пратеници да влезат во собраниска дебата со цел да дадат и свои предлози, тие свесно манипулираат на штета на реформите во судството, а со тоа и директно на граѓаните.
„Некои од овие Закони, како на пример оној за парнична постапка се двотретински, така што гласовите и соработката со опозицијата ќе биде потребна со цел заедно да придонесеме за судските реформи за кои толку многу говориме. Овие законски решенија треба да обезбедат олеснети судски постапки во граѓанските предмети и зголемување на транспарентноста во работата на судовите“, тврди министерството.






