петок, 17 април 2026

Собраниска делегација на средби во Хрватскиот сабор, нов импулс за соработка

На вториот ден од студиската посета, делегацијата од Собранието составена од пратеници – членови на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, како и претставници од собраниската служба, оствари повеќе значајни средби во Хрватскиот сабор. Во рамки на посетата се одржа средба со потпретседателката на Хрватскиот сабор, Сабина Гласовац, на која се разговараше за актуелни парламентарни прашања и зајакнување на меѓусебната соработка.

Објавено на

часот

Сподели

Делегацијата се сретна со генералниот секретар на Саборот, Давор Орловиќ, како и со шефот на кабинетот на претседателот на Саборот, Матеј Бречиќ, при што беа разменети искуства за организацијата и функционирањето на парламентарните служби.

Средбата со Јелена Милош, претседателка на Комитетот за европски прашања и претседателка на Меѓупарламентарната група за пријателство Хрватска – Македонија, беше посветена на дискусија за позицијата на државата пред и по членството во Европската Унија, како и за предизвиците и придобивките од евроинтегративниот процес.

На средбите беа разгледани прашања поврзани со функционирањето на парламентарните служби, институционалната координација и размената на релевантни искуства во текот на процесот на европска интеграција.

Во насока на зајакнување на меѓупарламентарната соработка, делегацијата оствари средба и со Кристина Икиќ-Баничек, претседателка на Комисијата за меѓупарламентарна соработка, при што беше потенцирана важноста од продлабочување на партнерските односи меѓу двата парламента.

На средбите беше истакнато дека долгогодишната стабилна соработка меѓу двата парламента е потврдена преку бројни билатерални посети. Беше нагласено дека преку досегашната соработка е разменето значајно искуство во областа на европските интеграции и законодавните процедури.

Посебно беше истакнато дека Хрватска, како последна земја членка што се приклучи на Европската Унија, има длабоко разбирање за сложеноста на пристапниот процес и претставува силен поддржувач на европската перспектива на Македонија.

Соговорниците потенцираа дека службените лица располагаат со високо ниво на експертиза и искуство и изразија подготвеност за понатамошна соработка. Парламентарната експертска служба беше посочена како компетентна и етаблирана, особено преку искуството стекнато за време на процесот на пристапување во Европската Унија.

Во продолжение на студиската посета се предвидени и заеднички дебати помеѓу службите на двата парламента, како и подготовка на проактивни предлози и насоки за унапредување на институционалните процеси и меѓусебната соработка, соопшти информативната служба на македонското Собрание.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ