Како што истакна Славески, во време кога инфлацијата расте и кога има зголемени каматни стапки и широка достапност на дигиталните финансиски услуги, се јавува нужна потреба од јакнење на финансиската и дигиталната писменост.
„Дигитализацијата носи нови можности, како поефикасни и поевтини финансиски услуги, но истовремено создава и нови ризици – од онлајн измами, прекумерно задолжување, до загрозување на личните податоци“, порача гувернерот.
Тој зборуваше на панел-дискусијата на тема „Унапредување на финансиската едукација за посилен раст“, на која учествуваа гувенерите на централните банки на Босна и Херцеговина и Молдавија, заменик-гувернерката на Грузија и вицегувернерот на Хрватска. Разговорот беше насочен кон улогата на финансиската едукација во зајакнувањето на економскиот раст, како и во справувањето со новите ризици предизвикани од дигитализацијата на финансиските услуги.
Славески нагласи дека посебно внимание треба да им се посвети на младите и на потрошувачите со ограничено финансиско искуство.
„Зголемувањето на финансиската и дигиталната писменост е од огромна важност за граѓаните и за претприемачите за да можат да ги препознаат придобивките, но и ризиците од новите дигитални финансиски производи и услуги. Само така можеме да ја искористиме дигитализацијата како алатка за поголема вклученост и стабилен економски раст“, додаде Славески.
Во рамки на зголемувањето на вклученоста, Народната банка ги спроведува и активностите на иницијативата „Кодекс за финансирање на жените претприемачи“ (WeFi Code), како национален координатор, заради намалување на родовиот јаз во пристапот до финансии и поддршка на женското претприемаштво. Во оваа иницијатива, покрај Народната банка, се вклучени 18 институции од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, меѓу кои шест банки и две штедилници. Народната банка со своето учество ја потврди својата заложба за унапредување на финансиската едукација, дигиталната писменост и вклученоста, во услови на брзи економски и технолошки промени.






