Двете локации се потпорниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов (Адолф Циборовски) по Реплек, како и ѕидовите од двете страни на булевар Гоце Делчев под поранешна Стоковна куќа МОСТ, денес Универзитет на Југоисточна Европа.
Легалните ѕидови ќе бидат означени со табли со кои се потврдува слободата и безбедноста за нивно користење за креативен израз од страна на уличните уметници. Легалните ѕидови ќе бидат назначени и слободни за користење на 26 јули 2021 година, на денот на Солидарноста, како сеќавање на катастрофалниот земјотрес во Скопје.
По тој повод тимот на Скопје 2028 – Кандидат за европска престолнина на културата, кој е иницијатор на идејата за назначување на легални ѕидови во Скопје организира и акција на цртање на графити на легалниот ѕид на улица Војвода Васил Чакаларов на тема „Солидарност” на која учествуваат седум домашни улични уметници: Ертунч Сали, Давор Кешкец, Марко Вујисиќ, Драган Китановски – Драж, Дејан Давчевски, Блаже Атанасков и Ермаљ Криезиу.
Акцијата на цртање графити е организирана во партнерство со Младинскиот културен центар.






