Дали е случајност или внимателна промисленост на првата дама на проширувањето на ЕУ, веќе не игра улога во интензитетот на револтот што го предизвика во македонската јавност овој обид на Кос за спуштање на тензијата со идентитетските уцени на Бугарија во процесот на македонските евроинтеграции. Од навреденоста со метафорите со тавче-гравче, полнети пиперки и пинџур, ретко кој ги зауши политичките опсервации на Марта Кос дека на идентитетските теми во ЕУ се гледа всушност како на руско влијание, притоа земајќи ја за пример Молдавија. Можеби зашто вниманието по изјавата на Кос најмногу беше насочено кон храната, па не беше поставено како прашање на прес-конференцијата – дали можеби бугарските провокации за македонскиот идентитет во ЕУ се инспирирани од руското влијание во Бугарија?
Во дваесетгодишниот кандидатски статус на Македонија пред портите на ЕУ, барем петмина комесари за проширување на Европската комисија не ја оправдаа довербата што им беше дадена за интегрирање на земјава и соседите од регионот во Европската Унија. Самиот факт дека една земја-кандидат не ги започнува преговорите со ЕУ две децении, поради причини кои и самата Унија не сака да ги стави во контекст на Копенхашките критериуми, а ниту во контекст на своите декларирани вредности – говори дека улогата на еврокомесарите за проширување е (била) да изнаоѓаат „креативни формулации“ и оправдувања за оддолжување на процесот на проширување. Дури и да се несмасни таквите изговори – не влијае(ло) на професионалната биографија на комесарот, ако ја исполнува задачата.
Сме слушнале во Македонија и понесмасни изјави од еврокомесари за проширување, кои ја „завршиле работата“. Веројатно најантологиска е онаа на еврокомесарот Јоханес Хан, кој во методите за проширување на Унијата го воведе терминот „балкански начин“. Иако референдумот во Македонија, во 2018 година за прифаќање на Преспанскиот договор беше неуспешен, токму Јоханес Хан ги даде „насоките“ како да се спроведат уставните измени за да биде легално прифатен, т.е. на „балкански начин“.
„Потребни се осум или девет гласа од опозицијата, и тоа мора да биде остварено. Сите велат дека сакаат членство во ЕУ и во НАТО, вклучувајќи ја и опозицијата, а тогаш едноставно мора да ја платите цената на ова решение. Станува збор за решение што е во интерес на земјата, а не на партиите и политичарите. И во таков случај, како можат да се обезбедат гласовите? Јас верувам со комбинација меѓу балканското и рационалното“, препорача во октомври 2018, тогашниот еврокомесар Јоханес Хан, сметајќи дека „новите избори ќе бидат само одолжување на патот кон почеток на преговорите за пристапување на ПЈРМ во ЕУ, што е планирано за летото наредната година“.
Во 2025, седум години по „проекцијата“ на Хан, Македонија ги нема отворено поглавјата во преговорите со ЕУ.
Можеби Јоханес Хан, „балканскиот начин“ како „метода“ во проширувањето на ЕУ го смета за „светол миг“ во својата биографија и дека решил еден спор што ѝ беше товар на земја-членка на Унијата – пред сè на Грција. Пред својата совест, можеби се оправдува дека тоа не им успеа на неговите претходници, Оли Рен и Штефан Филе.
Неговиот наследник, Оливер Вархеји стапи на сцената на македонските аспирации за членство во ЕУ со уверување дека главната „некопенхашка“ пречка во случајот со Македонија е надмината со Преспанскиот договор и неговата улога ќе биде повеќе техничка поддршка во преговорите. Но, ја немаше Вархеји таа среќа, а Македонија уште помалку – патот до ЕУ да ѝ биде со „техничко водство“. Во текот на неговиот мандат како еврокомесар за проширување, Бугарија ги стави во полн погон своите историски аспирации и комплекси спрема Македонија, македонскиот национален идентитет, јазик и сè што е македонско, а тој не успеа, т.е. не се ни потруди да се спротивстави на таквите намери за злоупотреба и билатерализација на процесот на проширување. Вархеји дури не се ни обидуваше да прави метафори и изговори, туку едноставно остана доследен на позицијата дека „ Бугарија има загрижености за патот на Македонија во ЕУ“, што резултираше со „францускиот предлог“ и уште една уставна уцена за внесување на Бугарите како малцинство во македонскиот устав, само за почеток на преговорите со ЕУ. Секако, без гаранции дека со тоа ќе се затвори „европскиот“ круг на уцени за Македонија.
Според, толкувањата на политичарите во Македонија, европската перспектива на темата за националните идентитети од која поаѓаат еврокомесарите за проширување е дека тоа е нешто неспорно, за што не се преговара. Не сакајќи да навлегуваат во идентитетски прашања, еврокомесарите одат по линија на помал отпор, односно кон притисок или несмасни идентитетски “комплименти“ за послабата страна во билатералниот спор што го наметнува нивна земја-членка на ЕУ. По два флагрантни случаи на идентитетско злоставување од земји-членки на ЕУ спрема Македонија, еврокомесарите можеби треба да се потрудат да пристапат принципиелно во случаи на билатерализација на процесот на проширување со услови што ги дерогираат Копенхашките критериуми. Идентитетските предизвици во ЕУ, очигледно се присутни и не можат веќе да се стават под тепих, сведувајќи ги на навики во исхраната, или на руско влијание. Македонскиот идентитет е автохтона историска придобивка на македонскиот народ, создаден без ничие геополитичко влијание. Напротив, создаден е и одржан и покрај сите историски и геополитички пречки, какви што сега му се поставуваат од ЕУ.
Јасминка Павловска