понеделник, 10 ноември 2025

Саем на Машинскиот факултет во Скопје – компании нудат пракса и вработување на студентите

На Машинскиот факултет во Скопје денеска и утре се одржува Саемот за пракса и вработување Техмех 2025 (TECHMECH 2025) што го организира Факултетското студентско собрание. На саемот учествуваат 26 компании кои на студентите им нудат не само пракса, туку и вработувања.

Објавено на

часот

Сподели

„Уште од сега си ја определувате вашата иднина. Уште сте почетници, но кариерата се гради уште од сега. Најдобро е кога уште во првиот семестар ќе почнете да размислувате што и каде сакате да работите, што сакате да бидете. Во таа насока, слободно посетете ги поставените штандови на кои ќе можете да поразговарате со претставниците на компаниите и да видите која што нуди“, им порача на студентите професорот Радмил Поленаковиќ кој го отвори саемот.

Како што истакна Поленаковиќ, со Техмех 2025, Машинскиот факултет уште еднаш ја потврдува својата улога како мост помеѓу образованието и индустријата, создавајќи средина во која знаењето се претвора во реална можност.

Според деканот Златко Петрески, овие два дена факултетот ќе се обиде да го зајакне она што го прави години наназад – врската меѓу студентите и индустријата, што продолжува да биде приоритет.

Во рамките на Tехмех 2025 се предвидени бројни активности, работилници и панел дискусии.

„Еден панел е на тема ‘Квалитетен кадар – сигурна иднина’ и  се одржа денеска, а вториот „Индустрија – образование: зелени иновации и одржливи практики“ е закажан за утре. Преку изложбени штандови, работилници и презентации, студентите ќе имаат можност да воспостават директен контакт со компаниите, да се информираат за тековните програми за пракси и вработување, но и да научат повеќе за барањата и перспективите во инженерската професија“, рече Поленаковиќ.

Саемот е отворен за сите студенти на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, без разлика на факултетот, кои сакаат да се запознаат со компаниите, да најдат можности за пракса и да направат чекор поблиску кон својата иднина во индустријата и технологијата. Учествуваат компаниите: Адиент, Алкалоид, Амфенол, Дрекслмаер, Фероинвест, Гентерм, Герешхајмер, Халкбанк, Интерконстракшн,  Џонсон Мети, Кентаур Импекс – Искра Куманоново, Ламинати Ком, ЛЕАР корпорејшн, ЛТХ, МАН, МИкросам, ОКТА, ПвС (PwC), Раде Кончар, ТЕП, Роад леџендс, Скопска пивара, Теламон, Триглав осигурување, Вардар Доломит, ВДЛ Ван Хул и Вабтек.

Организатор на саемот е Факултетското студентско собрание на Машинскиот факултет, во соработка со Машинскиот факултет – УКИМ, Центарот за кариера при УКИМ, ЦИЗИ и ЦИРКО.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ