среда, 6 мај 2026

МВР и турската полиција договараат меѓусебно признавање и размена на возачките дозволи

Постигнат е напредок помеѓу македонското Министерство за внатрешни работи (МВР) и Полицијата на Република Турција во усогласувањето на договорот за взаемно признавање и размена на возачките дозволи, како и подготовките за склучување на договор за безбедносна соработка, информираше денеска МВР. На состанокот помеѓу помошник министерот за односи со јавност во МВР Мухамед Исмаиљи и заменик директорот на турската полиција, Мустафа Чалишкан што се одржал во рамките на меѓународниот саем и конференција „САХА експо 2026“, што се одржува во Истанбул, Турција било разговарано и за заедничките напори во борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти и справувањето со современите безбедносни предизвици како и за унапредување на соработката во делот на обуката и едукацијата, преку предложениот Меморандум за разбирање меѓу турската Национална полициска академија и Центарот за обука на полиција при МВР.

Објавено на

часот

Сподели

Делегација на Министерството за внатрешни работи, предводена од помошник министерот за односи со јавност Мухамед Исмаиљи, учествува на меѓународниот саем и конференција „САХА експо 2026“, што се одржува во Истанбул од 5 до 9 мај.

Во рамки на посетата, како што информираат од МВР, делегацијата остварила работна средба со заменик директорот на турската полиција, Мустафа Чалишкан. На средбата била потврдена силната и континуирана соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и турската полиција, заснована на заемна доверба и партнерство. Особен акцент бил ставен на заедничките напори во борбата против организираниот криминал, криумчарењето мигранти и справувањето со современите безбедносни предизвици. Соговорниците се согласиле дека преку засилена оперативна координација, размена на информации и заеднички активности ќе продолжат да придонесуваат кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност.

На средбата било разговарано и за тековните билатерални активности меѓу двете земји, при што беше потенциран напредокот во усогласувањето на Договорот за заемно признавање и размена на возачки дозволи, како и подготовките за склучување на Договор за безбедносна соработка. Дополнително, како што се наведува во соопштението, било истакната важноста од унапредување на соработката во делот на обуката и едукацијата, преку предложениот Меморандум за разбирање меѓу турската Национална полициска академија и Центарот за обука на полиција.

Учеството на „Саха експо 2026“ претставува значајна можност за продлабочување на меѓународната соработка и размена на искуства во областа на безбедноста, одбранбената индустрија и современите технолошки решенија, со цел унапредување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ