„Однесувањето на бугарските парламентраци во Европскиот парламент не е изненадување, но можеби е добро отрезнување за одредени лековичари коишто создаваат илузија дека Бугарија не бара ништо многу освен едно мало корегирање на Уставот. Менувањето на Уставот за Бугарија е само отварање на вратата низ која тие имаат намера да протнат уште десетина такви тешки барања“, истакна Милошоски.
Каков и да биде исходот, сето тоа што се случувало во Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент треба да се смета за успех затоа што веќе сите знаат дека Македонија кредибилно тврдеше дека менувањето на преамбулата не е единствено барање од страна на Бугарија, рече Милошоски.
„Дури и да се случи во Европскиот парламент да има и пресврт и извештајот да не помине заради противењето на бугарските европратеници тогаш барем ќе бидеме на јасно за што станува збор, дека не станува збор за реформи во здравство, во образование, туку станува збор за менување или одново пишување на историските читанки во изминативе 150 години“, дециден е Милошоски.
Тој дискутираше и за самитот ЕУ-Западен Балкан на којшто Македонија беше домаќин.
„Македонија не случајно е домаќин на овој состанок, од причина што акцентот е ставен на планот за раст на Европската комисија рефлектиран преку реформските агенди на коишто Македонија покажа најдобри резултати. Главната тема беше планот за раст на Европската комисија, рефлектиран преку реформските агенди на сите земји од регионот. Во тој дел Македонија досега направи најдобри резултати, покажа една добра реформска агенда и во однос на нејзината реализација мислам дека сме една од земјите коишто имаа подобар просек на реализација. Сето ова е на некој начин признание за реформската определба на Владата, и искажување на еден респект кон македонската Влада, да биде домаќин на една ваква средба каде што Европската комисија ги презентираше следните чекори во однос на земјите кандидати за членство на ЕУ“, објасни Милошоски.
Пратеникот истакна дека Македонија е над просекот од 75% по однос на исполнување на реализација на реформската агенда.
„Моите информации се дека Македонија е над од оној просекот од 75% што го спомна еврокомесарката Кос по однос на исполнување на реализација на реформската агенда. Тоа покажува дека кога на државата и на македонската Влада ќе ѝ се дадат параметри коишто се мерливи и не зависат од билатерални препреки, злоупотреби, тогаш резултатот и исходот и оценките се високи“, истакна Милошоски.