среда, 25 јуни 2025

Расте бројот на белоглавите мршојадци во Македонија

Бројот на белоглави мршојадци, загрозен вид птици што опстојува во земјава, пораснал во последната година, покажало последното пребројување што го реализираа членовите на Македонското еколошко друштво и Здружението за зачувување на природата „Аквила“ од Кавадарци. Годинава е потврдено присуството на дваесетина двојки на белоглави мршојадци на две локации. Од нив, оваа гнездечка сезона девет се во колонијата во Демиркаписката клисура, а 11 во колонијата на Тиквешкото Езеро.

Објавено на

часот

Сподели

„Ваква бројност последен пат сме имале во 2010 година, а честите инциденти со труења на Балканот ја турнаа нивната популација на само 6 двојки во 2018 година. Оттогаш, надлежните служби ја интензивираа борбата против користењето на отровни мамки преку тековниот проект BalkanDetox LIFE. Од страна на нашите бугарски и грчки колеги на голем број од птиците се поставени ГПС локатори, па така за прв пат можеме во живо да ги следиме нивните движења и да делуваме превентивно. Бројноста на белоглавите мршојадци последниве години расте насекаде на Балканскиот Полуостров, токму благодарение на координираните мерки за заштита“, информираат од МЕД.

Од таму посочуваат дека во моментов најмалку 16 млади пилиња се наоѓаат во гнездата на паровите белоглави мршојадци. Предупредуваат дека тие се сега во најризичниот дел од нивните животи до достигнувањето на целосна големина и осамостојување. Во тој период ќе се соочат со уште една сериозна закана, недостатокот на храна, која по правило се состои од угинати диви и домашни животни, па мрежата на хранилишта во регионот треба да ги зголеми нивните природно мали шанси за опстанок.

„Со уште работа и со малку среќа, се надеваме дека за неколку години ќе ја надминеме и бројката од 25 двојки, која веќе ја сметавме за критично ниска пред повеќе од 20 години, кога започнавме да работиме на нивна заштита“, посочуваат од МЕД.

Мета

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ