Проректорката на УКИМ, проф. д-р Соња Топузовска, во своето обраќање истакна дека ова дело не е само лексикографски збир, туку длабок приказ на идентитетскиот код на јазикот.
„Етимолошкиот речник не е само збир на зборови и нивните значења, туку сложено научно дело што го следи историскиот развој на јазикот, неговите слоеви, влијанија и културни врски. Преку него зборовите го откриваат своето потекло, но и патот што го минувале низ времето како дел од широкиот јазичен и културен идентитет. Особена тежина на ова дело му дава фактот што станува збор за прв ваков етимолошки речник во македонската лингвистика, со што се пополнува една значајна празнина во словенската етимолошка лексикографија“, рече Топузовска.
Директорката на Институтот за македонски јазик, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, нагласи дека со овој труд македонскиот народ официјално се вбројува во семејството словенски народи кои поседуваат сопствен етимолошки речник. Таа посочи дека делото е круна на долгогодишна и макотрпна научна работа поддржана од Министерството за образование и наука.
„Авторот проф. д-р Гоце Цветановски со помош на издржана методологија и научни аргументи го претставува историскиот развој на македонскиот јазик преку научно аргументирана анализа на потеклото на македонските зборови во словенски и во индоевропски контекст. Особено важно и впечатливо е толкувањето на македонските зборови што првпат и единствено тука можеме да ги најдеме. Преку речникот се отсликува националната и културолошката дефинираност на македонскиот народ“, рече Јованова-Грујовска.
Според промоторите, овој речник е непобитен доказ за посебноста на македонскиот јазик и неговиот углед во светската славистика. Проектот, кој беше поддржан од актуелното раководство на УКИМ и ректорката проф. д-р Билјана Ангелова, според нив, отвора нови перспективи за младите истражувачи и за натамошен развој на македонската етимолошка мисла.
Покрај авторот, на денешниот настан присуствуваше и архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, како и многубројни претставници на академската заедница, а речникот беше официјално промовиран од дописниот член на МАНУ, Веселинка Лаброска.






