Захариева вели дека само таа од бугарските делегати добила можност да поставува прашања поради недостиг од време. Таа го праша Димитров што прави владата на РСМ за да го надмине негативниот тренд поврзан со притисокот и дискриминацијата врз граѓаните на РСМ со бугарско потекло, кон кои се упатени, како што рекла, закани за злосторства од омраза, и дали Владата во Скопје има намера да ја спроведе резолуцијата на Советот на Европа од 2006 година со која се бара осуда на тоталитарните режими?
„Македонија е единствената земја со такво минато што сѐ уште не го сторила тоа и не обезбедила рехабилитација на жртвите од комунизмот. Дали неговата влада има намера јавно да отвори архиви со досиеја на поранешната тајна служба? На првото прашање одговорот беше дека нема дискриминација кон Бугарите, а на второто не слушнав никаков коментар“, вели Захариева.
Димитров одговори дека во Македонија нема ниту еден единствен пријавен случај за дискриминација врз основа на бугарска националност.
„Оттука, тешко ми е да разберам дали ваквите обвинувања ви се дел од домашна политичка битка или се резултат на некаков меур во кој сте и навистина верувате дека се врши некаква дискриминација. Северна Македонија е мултиетничка држава и за разлика од други земји од регионот, кај нас малцинствата се апсолутно признати со гарантирано право на еднаквост и на самоопределување“, кажа Димитров пред Парламентарното собрание на Советот на Европа, каде што се обрати како специјален гостин на есенската сесија.
Што се однесува до говорот на омраза, тој одговорно тврди дека од страна на официјални државни претставници нема такви случаи.
„Се разбира дека осудуваме инциденти со говор на омраза, но треба да имате предвид дека кога на некој народ се обидувате да му ги оспорите јазикот и правото на самоопределување, очекувано е да има револт. Вашата политика е инвестиција во антагонизам, а не во пријателство“, рече Димитров.






