„Ќе изградиме 60 километри патна инфраструктура во градот, катни гаражи, велоспидески патеки, кружни текови во градот“, рече Михајловски. Приоритет ќе биде и Куманово да биде чист град, ќе има бесплатен приклучок на гас за домаќинстава и бизнисите.
„Ќе се воспостави модерно управување со отпад. На само 5 километри воздушна линија од Куманово во село Пчиња се наоѓа депонијата Краста која е депонија од минатиот век со несогледиви последици за здравјето на луѓето и почвата. Отпадот ќе биде вредна суровина преку селектирање, рециклажа и компресирање. Кумановка да биде чиста река. Изградба на кеј од двете страни на реката и трајно решение со кое нема да се фрла отпад во неа. Реконструирање на постоечките запуштени мостови и изградба на два нови моста“, кажа Михајловски.

Михајловски најави и низа на објекти за најмладите од градинки, училишта.
„Ќе изградиме на нов училишен објект за потребите на гимназијата Сами Фрашери. Децата заслужуваат и мора да добијат модерни услови за следење на наставата. Заедно со родителите ќе изнајдеме каде би било најдоброто место за овој училиштен објект. Ќе има и нови детски градинки. Крајно време е Карпош, Перо Чичо и Зелен рид да добијат градинки“, кажа Михајловски.
Кандидатот вети и многу други проекти.
„Проект за нов театар во Куманово. Проект за нов албански театар. Реконструкција на спортската сала. Реконструкција на Соколана. Проект за реконструкција на градскиот стадион“, рече Михајловски.
На митингот во Куманово лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги праша кумановци дали живеат подобро и што е она што СДСМ изминативе 30 години добро го има направено.

„На 17 октомври е можноста за промени. Прашањето кај секој еден кумановец, кој што треба да си го постави е дали живеете подобро. И што овие луѓе направија изминатите 30 години за вашето Куманово, за нашата Македонија? И дали тоа што го направија е доволно за да ние на 17-ти октомври излеземе и го дадеме гласот за нив или пак излеземе на 17-ти октомври и гласаме за човекот кој што денеска наброја онолку проекти колку што тие во 70 години половина немаат реализирано“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека е убеден дека на 17-ти октомври кумановци ќе го изберат Тони Михајловски.
„Граѓани вие најдобро знаете дека волкот влакното го менува, но карактерот не. Доста е од овие политичари, нам ни треба нова иднина. Овие избори се шанса за промени, шанса за подобро утре. Многумина деновиве ми го поставуваат прашањето што е за тебе Христијан победа. Ќе се обидам во неколку реченици да кажам што е за мене победа. Победа е кога ќе спасиме 14 човечки животи, победа е кога грешиме, ќе се извиниме, ќе се корегираме, и ќе продолжиме понатаму. Победа е да се почитуваме и тогаш кога сме различни, победа е да создадеме вредности, принципи, да има одговорност кога треба“, нагласи Мицкоски.






