Спасовски информира дека на 23 ноември тим на МВР бил на местото на несреќата во Бугарија и тоа што било дознато е дека автобусот кај местото Кула на автопатот „Струма“ удрил во банкината, возачот загубил контрола, потоа удрил и во левата ограда на автопатот. Имало 52 патници, а од пожарот во автобусот загинаа 45 лица, 7 повредени се спасиле од автобусот.
„Увидот го вршел надлежен обвинител и лиценцирани вештаци од Бугарија. Од обвинителот тимот бил запознат со сите тогаш познати детали. Тимот на МВР во болницата ‘Пирогов’ водеше разговор со повредените, како и детално со едно од повредените лица, кој успеал да овозможи спас за седум лица“, рече Спасовски и додаде дека токму со тоа повредено лице е разговарано затоа што бил во добра психичка состојба.
Но, не одговори на прашањето дали и на тимот на МВР овој патник им кажал дека биле спасени осум патници, само рече дека тоа што е разговарано е наменето за постапките на обвинителството.
Потоа министерот нагласи кои се надлежностите на МВР:
„Наша надлежност е да се врши контрола на патни исправи или лични карти, а за возилата сообраќајна дозвола и зелен картон. МВР не е надлежно за проверка на лиценци, туку тоа се Царнска управа и Државниот инспекторат.
Автобусот во 22 случаи излегол преку границата, а минатата година 113 пати. Очигледно се користени лиценци од други возила. Автобусот е регистриран е пред три години, а последен технички преглед е направен минатиот месец. Наодот на техничкиот преглед е дека нема неисправност и нема забелешки. Автобуост е произведен во 2007 година“, рече Спасовски.
Против „Беса транс“ има вкупно осум кривични за непочитување на ковид протоколи, рече тој.
Спасовски информира дека е обезбеден биолошки материјал за 44 патници и е предаден на Јавното обвинителство кое ќе го предаде на бугарското Обвинителство.
Инаку, како што нагласи, се оформува осебна оперативна програма со вклученост на повеќе институции која ќе третира повеќе аспекти – од здравствени прегледи на возачи, па се до добивање на лиценци за превоз на патници и стоки.
Никој нема да им верува на институциите, ако нема конкретна завршница на вакви случаи, од типот на „Ласкарци“ или последниот.






