Како што соопштија од Министерството за труд и социјална политика (МТСП), на конференцијата на која учествуваат претставници на земјите членки на Советот на Европа, како и претставници на бројни невладини организации кои работат на унапредување на положбата на Ромите, особено на жените Ромки била нагласена потребата од системски и организиран пристап кој подразбира прилагодување на мерките на потребите на Ромите, особено во услови на пандемијата ковид-19.
Според Шахпаска, политиките на македонската Влада се фокусираат на превенција и борба против родови стереотипи и сексизам, превенција и борба против родово базирано насилство, еднаков пристап до правда за жените, балансирано учество на жените и мажите во донесување одлуки, како и родово одговорно буџетирање во институциите на централно и локално ниво.
„Република Северна Македонија во регионот, па и пошироко, стана пример за земја со традиционално меѓуетничка и меѓурелигиска толеранција и земја во која се почитуваат разликите. Тоа го постигнавме преку политики кои обезбедуваат еднаков степен на вклученост и интеграција на сите етнички заедници. Впрочем, тоа е концептот „Едно општество за сите“ кој го промовираше Владата на Република Северна Македонија и кој стана општоприфатен во земјата. Наша обврска е да создадеме општество кое интегрира, а не сегрегира, општество кое обединува, а не прави делби, општество кое вклучува, а не исклучува“, рече Шахпаска во обраќањето.
Таа, според МТСП, информираше дека напорите кои ги вложуваме во унапредувањето на статусот на жената Ромка во нашата земја, произлегуваат од Стратегијата и националните акциони планови за Ромите во Северна Македонија, како и од посебниот Акциски План за жената Ромка.
„Како држава преземаме мерки и активности за вклучување на децата Роми во предучилишното образование, за вклучување на децата Роми во образованието, за нивно згрижување во дневни центри со цел да им се даде поддршка како на децата, така и на нивните родители. Грижата за сексуално и репродуктивно здравје на жените Ромки е високо на нашата агенда“, додава Шахпаска.
Во однос на положбата на Ромите и жените Ромки во услови на пандемијата со ковид-19, Шахпаска уште вели дека со социјалната реформа од 2019 година, која обезбеди пораст на гарантираната минимална помош за 300 проценти, детски и образовен додаток, државна социјална пензија, овозможено е ранливите категории на граѓани полесно да ја пребродат пандемијата. Таа информираше дека со олеснетиот пристап во системот на социјална заштита беа опфатени дополнителни 8.500 домаќинства, со што преку ГМП се обезбедени вкупно 36.200 домаќинства, од кои 20 проценти се ромски домаќинства.
Во рамките на Меѓународната конференција на жената Ромка, Шахпаска имаше средби и со генералната секретарка на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ Буриќ, со директорката на Директоратот за демократија, Снежана Самарџиќ Марковиќ, како и со секретарката на Венецијанската комисија, Симона Граната Менгини.






