Уранија Пировска е именувана за претседател на Комисијата за помилување на местото на Сабит Кранли, а нов член во комисијата е новинарот Томислав Кежаровски.
На местото на актерката Сабина Ајрула, за член на Комисијата за одликувања и признанија Пендаровски донесе одлука за именување на актерката Амернис Јовановска-Нокшиќи.
Од Кабинетот појаснуваат дека Комисијата за помилување на претседателот на Република Северна Македонија е постојано советодавно работно тело на претседателот, а членовите на Комисијата се назначуваат врз основа на искуството во областа, долгогодишна работа во заштитата и промоцијата на човековите права и слободи, стручност и компетентност, како и личниот и професионалниот интегритет на членовите.
„При составувањето на Комисијата, претседателот се водеше од принципот дека Комисијата е потребно да ја одразува различноста на општеството, врз основа на етничка припадност, пол, како и застапеност на надлежните институции, граѓанскиот сектор и академската заедница“, велат од Кабинетот на Пендаровски.






