„Поминаа 2,5 години од потпишувањето на Преспанскиот договор и треба да признаеме дека оттогаш имаме многу позитивни чекори, но треба и други поместувања да се направат. А тоа ќе овозможи понатамошен развој на нашите односи“, рече грчката престедателка и додаде дека од страна на Атина се разгледуваат сите аспекти на Преспанскиот договор и дека Грција се обидува да ги реши сите отворени прашања.
Пендаровски пак ѝ рече на Сакеларопулу дека како човек не е за нагласување на некакви политички патеки, но дека оценува оти станува збор за средба што има историска димензија.
„Да, ние сега ја имаме првата средба на највисоко ниво по 30 години, а тоа е многу значајно за двете страни. Имавме добри односи и до 2018, но оттогаш поставивме и политичката и правна рамка“, нагласи Пендаровски.

Тој рече дека и тој и грчката претседателка се правници и дека застапуваат правни принципи.
„Договорите треба да се почитуваат и да се чуваат. Многу работи се направени од потпишувањето на Преспанскиот договор. Би рекол дека е направен најголемиот и најтежок дел. Но и дека има уште некои работи да се направат. Ние сме решени да го реализираме договорот до последната буква. Кога доаѓав наваму, разбрав дека двете заеднички комисии имаат договор за следна средба. Тоа се комисиите за историско-археолошки и образовни прашања и комисијата за брендовите. Поради коронакризата имаше застој и очекувам нивната работа да се забрза. Преспанскиот договор ни овозможи да влеземе во НАТО и ја очекуваме вашата поддршка за нашата следна цел, а тоа е членството во ЕУ“, рече Пендаровсвки.
Средбата потоа продолжи без присуство на новинарските екипи, како што е вообичаено.
Пендаровски беше пречекан од Сакералопулу пред Претседателската палата во Атина со официјална церемонија со државни и воени почести.
Пред средбата со грчката претседателка, претседателот Пендаровски положи венец пред Споменикот на незнајниот војник на платото пред Парламентот на Хеленската Република.

Македонскиот претседател ќе оствари средба и со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а во текот на денот ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
Во рамките на посетата, претседателот ќе го посети музејот Бенаки, каде што е предвидено разгледување на архивата на Константинос Доксијадис и ќе се сретне со американскиот амбасадор во Грција Џефри Пајат.
За време на посетата, претседателот Пендаровски е придружуван од сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, која во рамките на дамската програма, ќе ја посети Националната галерија во Атина, во придружба на министерката за култура и спорт на Грција Лина Мендони.
Од Атина за МКД.мк
Жана Поповска Божиновска






