
„Наместо во 2019, гинекологија во Чаир се префрли на гас во септември 2020, а општата болница во Струмица дури месецов, ноември 2021. Дали општата болница во Куманово остана негасифицирана поради разидувањето на власта со нивниот градоначалник Максим Димитриевски? Венко Филипче пред три години изјави дека гасификацијата на општата болница во Куманово е приоритет за Министерство за здравство, но еве и во 2022 ќе се грее на мазут. Болницата уште во 2017 има изготвено проект за гасификација, а изградена е и цевка за довод на гас до болницата.
Ова е само од старите ветувања.
Што е со болниците во Битола, Тетово, Прилеп, Охрид, Гостивар, Кавадарци, Гевгелија, Велес, Штип, Струга, Кичево, Кочани, Негорци? Со Институтот по белодробни заболувања кај децата во Козле, Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Капиштец, болницата за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во Ѓорче Петров, психијатриската болница во Бардовци? Да не ги набројуваме здравствените домови. Сите се греат на мазут/нафта/лесно масло.
Изминативе години буџетите се движат над 4 милијарди евра, а државата одвоила само 276 илјади евра за болницата во Чаир и 114 илјади евра за болницата во Струмица. За Куманово се потребни околу 200 илјади евра. Зборуваме за средства во висина на 0,02% или 0,06 % од буџетот.
Каде се стотиците образовни установи, училишта, униврзитети, студентски домови?
Само да потсетиме дека Владата вети до 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење.
Еден од амандманите кои ги поднесовме за предлог-буџетот за 2022 година, ист како и минатата година кога не се усвои, е да се одвојат средства во висина на 0,06% од буџетот за промена на загадувачкиот начин на загревање на здравствените и образовни установи во најзагадените градови во државава.
Ако верува барем малку во своето ветување, Влада на Република Северна Македонија ќе одвои средства за да оствари барем дел од она што ветила. Зошто избори ќе има пак и сиве неостварени ветувања ќе се преточат во изборен резултат на (не)добиени гласови од граѓаните“, пишува во објавата на О2 иницијативата на Фејсбук.






