Костадиноски изјави дека вчера во 11:30 часот, во просториите на Oпштина Јегуновце, поточно пред архивата, додека поминувал, слушнал арогантен однос спрема архиварката од лице кое инсистирало да направи фалсификување на документи, односно да повлече фактури од 17.09.2021 и да внесе нови изменети фактури со ист датум.
„Лицето кое се закануваше на архиваркате е управител на фирма за електро материјали кој два месеци се обидува преку архивата да антидатира 4 договори и 4 фактури односно да ги внесе во деловодникот. Најучтиво му укажав дека обидите за фалсификување нема да ги дозволам и доколку се чувствува оштетен слободно да востанови судски спор. Управителот на фирмата се нафрли на мене и со најпогрдни зборови пред архиварката и уште една вработена, ме омаловажуваше и ми се закануваше. Се воздржав од каква било конфронтација и го замолив да ја напушти општинската зграда. Пет пати му укажав дека за неговото побарување е избегнато тендерска постапка за набавка на сијалици за улично осветлување, дека и покрај избрана на тендер друга фирма за електро материјали, неговата фирма без заведен договор за набавка и без заведени фактури во архивата, бара исплата на 4.000 евра, односно 4 фактури по илјада евра плус ДДВ, за заменети 6 сијалици за улично осветлување во центарот на Јегуновце и 19 сијалици во приватен имот“, рече градоначалникот.
Тој додаде дека управителот на фирмата револтирано него го пријавил во полиција.
„Полицијата направи увид во 13 часот, зеде изјави од мене и од вработените присутни на настанот и констатираше дека се работи за лажна пријава и дека пријавителот бил тој што навредувал и омаловажувал“, нагласи Костадиноски.
„Веднаш после увидот на полицијата почнаа притисоците врз вработените да даваат лажни изјави. Во полицијата ааписникот наместо лажно пријавување и омаловажување кон мене, хибридниот режим предводен од СДСМ прави преквалификација и пишуваат пријава за вербален напад од моја страна спрема управителот на фирмата со незаконски побарувања од општина Јегуновце. Јас ќе ја заштитам Општина Јегуновце и Буџетот на општината од сите незаконски побарувања и фиктивни трошоци и ќе одолеам на сите притисоци и закани кон мене. Во понеделник ќе поднесам соодветни поднесоци до Јавното обвинителство за до крај да се обелодени како се работело и како се обидуваат да продолжат да испумпуваат пари од буџетот на општината, и да не дозволам со измислени и инсценирани настани да ми вршат притисок да плаќам незаконски фактури“, рече на прес-конференцијата градоначалникот на Јегуновце.






