Полскиот претседател, на средбата со неговиот домаќин Стево Пендаровски, изрази надеж дека новоформираната влада во Бугарија ќе има поконструктивна позиција, став во поглед на пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.
„Полска ја дава безрезервната поддршка на Северна Македонија за влез во ЕУ и овде би сакал јавно да изјавам дека доколку Бугарија и понатаму реагира неконструктивно односно каже не, за влезот на Северна Македонија, јас лично ќе истапам и ќе се залагам за изготвување на некој патоказ, односно документ којшто ќе послужи земјата полесно да се справи со ова прашање, рече Дуда на заедничката прес конференција во Скопје со Пендаровски.
Пендаровски, од своја страна, истакна дека се додека во Бугарија не се формира влада, односно, претходно не конституираат Парламент не би требало да се занимаваме со изјави кои доаѓаат од луѓе кои во моментот немаат целосен политички легитимитет.
Пендаровски вели дека независно дали ќе направат Влада или не во Софија, тој е претпазлив реалист.
„Толку многу пати се изгоревме чекајќи од Софија да се дигне неразумната блокада што јас би почекал навистина да видам со кого конкретно утре, задутре и по 21-ви ќе разговараме не само на претседателско ниво, туку и на ниво на МНР кои де факто и досега ги водеа разговорите“, кажа Пендаровски.
Шефот на дипломатијата на Австрија Михаел Линхарт во интервју за МИА рече дека Австрија е уверена оти Македонија е подготвена за процесот на преговори за членство во Европската Унија.
„Северна Македонија е дел од Европа и целта е земјата да стане членка на Европската Унија. Северна Македонија мора да биде членка на ЕУ, ова е нашето уверување и сигурен сум дека заедно ќе ја постигнеме оваа цел. Двете страни треба да вложат напори, секако преку целосна поддршка од наша страна“, нагласува Линхарт.
Шефот на бугарската дипломатија вчера на состанок со амбасадорите на земјите-членки на ЕУ истакнал дека бугарската страна сè уште очекува конкретни чекори од Скопје за исполнување на обврските, вклучително и „откажување од територијалните и претензиите кон малцинства, прекинување на говорот на омраза, промена на учебниците и гарантирање на правата на граѓаните со бугарска самоопределба“.
Од бугарското МНР, во одговор на агенцијата БГНЕС, навеле дека Бугарија не може да поддржи одржување на првата Меѓувладина конференција на ЕУ со Северна Македонија, бидејќи актуелната нацрт-преговарачка рамка за пристапување „не ги одразувала предлозите на бугарската страна и затоа не можеле да поддржат почеток на преговорите.






