Миленкоски е во екстрадициски притвор во Врање и преку писмо испратено до медиумите бара да му се суди во Македонија, а не во Ерменија каде е осомничен дека сторил кривичното дело илегално преминување на границата извршено од група по претходен договор.
Ерменија од Србија го бара Миленковски за да му биде судено во врска со аферата кога македонски дипломати во 2019 помогнале од Ерменија да избега македонскиот државјанин Бранислав Димитријевиќ, обвинет за измама.
Македонските институции засега молчат за овој случај. Двајца македонски државјани, Миленкоски и Димитријевиќ, притворени по Интерпол потерница во Србија и Хрватска, треба да бидат предадени на Ерменија. Адвокатите на Миленкоски бараат тој да биде во екстрадициски притвор во Македонија и македонското обвинителство да го гони по службена должност за истото дело како во Ерменија, илегално преминување на граница.
Македонскиот дипломатски синдакат смета дека државата е должна да се грижи за своите граѓани и дипломати и би требало да побара Миленкоски да биде испорачан тука.
Во овој случај биле замешани, 7 лица од кои шестмина биле македонски државјани. Досега е познато дека во овој случај се вмешани тројца македонски дипломати, Миленкоски, Владимир Сарафов и Стево Симски и бизнисменот Бранислав Димитријевиќ, кој има и хрватско државјанство. Димитријевиќ е вмешан во огромен корупциски предмет за изградба на коридорот Север-Југ во Ерменија.






