На денешната прес-конференција тој појасни дека се работи за документација на агенцијата „Беса Транс“, регистрација на автобусот, како и податоци од Министерството за транспорт и врски.
Јовески исто така ја потврди информацијата дека во изгорениот автобус во Бугарија е пронајдено уште едно тело на починат патник, како што кажа, на помлада возраст, и тоа е пренесено во Институтот за судска медицина во Софија. Со тоа, како што рече, бројот на настраданите во несреќата официјално е 45 лица, а седуммина се пренесени на лекување во софиската болница.
Одговарајќи на новинарско прашање дали верува дека е најдено уште едно тело 4 дена по несреќата, Јовески рече дека не се сомнева во пронаоѓањето на уште едно тело.
„И сами видовте колку се големи оштетувањата на автобусот и тој е пренесен на руго место, Издадени се наредби за соодветни вештачења за техничката исправност и притоа во дел на автобусот е најдено уште едно тело. Нека нема сомнеж за тоа, тоа го потврдија обвинителите на Бугарија и апсолутно не е спорно“, изјави Јовески.
Но, како што додаде, тој немал детали каде е пронајдено телото, туку само рече „во изгорените делови“.
Во однос на „осмиот патник“ што се споменуваше, Јовески рече дека тој се споменува во исказот само на еден од повредените, додека документацијата од болницата покажува сосема друга бројка, таму се примени седум лица.
„Секое лице може да има различно забележување на одредени факти во една трагична атмосфера“, одговори Јовески.






