Во интервју за МИА Ислам вели дека претседателката на ЕК Урсула Фон дер Лајен немаше избор и мораше да оди во регионот.
„Доаѓа самитот на 6 октомври. Таа е интелигентна жена, а регионот станува сѐ понемирен, има сѐ повеќе надеж за некаков исчекор затоа што словенечкото претседателство вети. Имаше многу големи причини за да оди во регионот и да го осигури регионот дека заложбата постои. Иако Европската комисија е заглавена помеѓу геополитички и домашни работи. Целото прашање е поделено помеѓу, од една страна, Европската комисија која што ги разбира геополитичките предизвици и влогови, и, од друга страна, земјите-членки кои имаат свои национални и историски прашања. Има две работи кои тежат врз ЕУ: едната е ситуацијата со Полска и Унгарија, но и други земји како Словенија и сериозната загриженост дека европските вредности се излитени поради проширувањето. Тоа е општото чувство во Европа, дека се отвори, се прошири без да воведе потребни осигурувања кон земјите кои се зачленуваат и нивните домашни и регионални конфликти, како што научивме со кипарскиот спор и последиците за ЕУ. Така што извлечени се поуки, но работата е што ќе правите со тие поуки. Брегзит исто така беше трауматично искуство за ЕУ. И да и кажете на една скептична европска јавност дека ќе продолжите да се проширувате или дека ќе преземете чекори за да се проширите понатаму, не е нешто што се продава лесно во ЕУ. Тоа е реалноста во ЕУ, но сепак кон регионот мора да се пружа солидарност и да се даде ветување дека се дел од европското семејство. Мора тоа да се направи, не само затоа што се потребни реформи и стабилност, туку и затоа што геополитички ривали како Кина, Русија, Турција, го шират своето влијание. Така што заглавени сме на некој начин: геополитички императиви и заложба за проширувањето дадено пред години, и од друга страна реалноста на европската јавност“, вели Ислам.
За шансите за проширување на ЕУ, таа вели дека не е реалистично да се очекува полноправно членство во догледна иднина.
„Таргетот 2025 година што се даваше е магично размислување. Проширувањето е долг и болен процес и видовме сега со Косово и Србија, има толку многу нерешени прашања, а во Брисел постои загриженост за темпото на реформи. Мислам дека е време да се престане со магичното размислување, но го разбирам товарот за ЕУ, ова е ситуација со двајца губитници, но мислам дека она што ни треба е некаков брејнсторминг за креативни политички решенија. Да престанеме да сонуваме и да бидеме реални за тоа што може да се направи. Никој не е подготвен да оди по тој пат поради сите предизвици и дадени ветувања, но мислам дека е време да размислиме како понатаму, додека чекаме, и продолжуваме да се надеваме дека ќе се оствари членството во ЕУ за сите шест земји. Самата ЕУ е недовршена работа, не е линеарен прогрес како што видовме и со Брегзит. Сметам дека креативноста е интересно прашање, а тоа бара политичка зрелост од страна на самиот регион, но и сериозна интелектуална инвестиција од страна на ЕУ за да видите како ќе поттикнете стабилност, реформи, интеграција, без да дадете целосно ветување за проширување.
Според Ислам, на ЕУ и е потребно Западниот Балкан да стане член, има геополитички, економски, социјални аргументи за полноправно членство на регионот во ЕУ, тоа е најдоброто решение, тоа е тоа што и треба и на ЕУ и на регионот.
„Мора овие шест земји да бидат дел од ЕУ. Но она што го знаеме дека ова не е можно на краток рок, а веројатно ни на среден поради сѐ ова за што разговаравме. Кога го знаете тоа, наместо постојано да повторувате „дел од семејството сте, ве поддржуваме”, да бидеме реални за тоа како треба да изгледа ова засилено партнерство. Секогаш зборуваме за тоа што и е потребно на ЕУ од регионот, но да погледнеме што бараат земјите и владите во регионот од ЕУ? Слободно движење, така? Пари? Не мислам дека им се толку потребни пари затоа што имаат пари од повеќе извори, но им треба техничка експертиза, реформи“, вели таа.
На прашањето зошто е толку проблематично за земји како Франција и Холандија земјите само да започнат преговори кога тие преговори не значат членство во ЕУ Ислам вели дека на тоа влијае ситуацијата со проблемите на истокот со земјите-членки, потоа Брегзит, дека во ЕУ се плашат од гневот на јавноста, гневот на оние кои се против проширувањето, тие што велат зошто влегуваме во ова кога имаме домашни проблеми.
„Пандемијата не помогна, фактот дека е во Европа владеат нееднаквости од секаков вид, поделби меѓу северот, југот, истокот, западот, конфликти меѓу самите земји околу буџетот, има чувство дека тоа би предизвикало огромен гнев“, смета Ислам.






