Осврнувајќи се на односите со Бугарија, Османи говореше за засилениот политички дијалог меѓу двете земји во текот на изминатите девет месеци и информираше дека во повеќе наврати биле разменувани идеи за проширување на соработката во нови области и за продлабочување на билатералните односи. Според Османи, Македонија демонстрирала проактивен, позитивен и конструктивен пристап на сите можни нивоа.
„Она што знам е дека најважното прашање за кои се загрижени граѓаните, а ценам дека секогаш сме биле јасни е дека идентитетските прашања, како што е македонскиот јазик, македонската етничка посебност, не се и не може да бидат на масата како дел од преговорите. Процесот е сложен а целта е заедничка, одржување на Првата меѓувладина конференција и формално започнување на пристапните преговори со ЕУ”, порача Османи.
Во контекст на полноправното членство во НАТО, тој кажа дека се отвораат нови можности за соработка, а со тоа има потреба од динамична, респонзивна дипломатија, во чекор со брзите промени кои се одвиваат на глобално ниво. Во таа насока, Османи до членовите на Комисијата за надворешна политика апелираше на нивна соработка и кооперативност во смисла на градење на квалитетна и широка дипломатска мрежа.
„Испраќањето амбасадори не треба да биде дел или да биде жртва на некакви актуелни политички несогласувања или дневни надмудрувања. Тоа е процедурална должност на сите инволвирани институции, свесни за потребата од активна функционална и професионална дипломатија, во интерес на сите граѓани на Северна Македонија”, истакна Османи.
Што се однесува до членството во ЕУ, тој нагласи дека државата успеала да обезбеди јасна поддршка за напорите за неодложно започнување на преговорите, за што доказ е енергичноста и посветеноста на Германското претседателство со Советот на ЕУ, како и охрабрувачката поддршка од Португалија, која отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија, го има високо на агендата.






