
Османи, кој и денеска е во Софија, во изјава за МИА кажал дека во постапките за обдукција се вклучени и експертите од Институтот за судска медицина од Скопје, кои од вчера се наоѓаат во Софија.
„Јас штотуку се слушнав со професорите кои се дојдени во Софија. Информиран сум дека се тие веќе дел од процесот, веќе се во сала таму каде што се прават обдукциите и се очекува дека можеби и во текот на денот таа фаза од процесот да заврши, но сепак, идентификацијата на телата преку ДНК може да одземе неколку денови, дури и до крајот на неделата, што значи дека дури тогаш ќе може државата организирано да ги пренесе телата во Скопје. Со ова сакам да упатам порака дo семејствата кои се тука во Софија дека тој процес ќе го организира државата во моментот откако ќе се заврши идентификацијата, а тоа може да одземе неколку дена и затоа бараме разбирање за да се вратат во Скопје, а ние тука ќе продолжиме со организација од сите аспекти за еден достоинствен транспорт на останките во Скопје“, рече Османи.
Роднините на пациентите згрижени во болницата му кажале дека се задоволни од третманот на медицинскиот персонал.
Османи уште додаде дека институциите од двете земји се координирани од сите аспекти и во делот на правда, здравствените институции, но и во надворешната политика. Тој се надева дека оваа координација ќе ја забрза целата постапка за што побрзо да се разрешат сите аспекти од оваа трагедија.
„Истрагата е во тек, координацијата е воспоставена и како ќе бидеме информираме така ќе ја известуваме и јавноста“, изјави Османи.






