
На претходната средба која се одржа во изборен период во двете земји – кај нас меѓу двата круга од локалните избори, а во Бугарија за време на кампањата за претседателските и предвремените парламентарни избори, не беа усвоени никакви решенија и препораки.
Членовите на Комисијата од македонската страна тогаш брифираа дека не биле усвоени решенија и препораки поради „исклучивиот пристап на колегите од Софија и нивното инсистирање да се наметне нивното гледање на минатото“.
Пред денешниот состанок на Комисијата, копретседавачот од бугарска страна, Ангел Димитров за бугарските медиуми кажа дека ќе се разговара за она „за што се зборува веќе пет состаноци по ред“.
„Заглавивме во 10-11 век – крајот на Првото бугарско царство, времето на цар Самуил и неговите наследници. Не останува време да разговараме за заедничкото чествување на двете држави на Гоце Делчев“, вели Димитров.
Тој во гостувањето на БНТ наведува и дека македонските историчари не се подготвени да работат „според принципите карактеристични за секоја наука – упатувањето и почитувањето на фактите и изворите“. Се впушта и во политички коментари за односите меѓу Скопје и Софија.
„Би сакал да кажам дека Република Северна Македонија е подготвена да ги започне преговорите, но не гледам основа за тоа“, изјави Димитров според кого, бугарската позиција кон земјава е „совршено јасна“, но прашање е колку таа е добро претставена и дали некој сака да ја сфати.






