Цариници од секторот за професионална одговорност на Царинската управа детално вршат контрола за постапувањето на царинските службеници во случајот со автобусите на „Беса транс“ согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај. Предмет на контрола е и постапувањето за превозникот и возило и во претходниот период на истиот граничен премин, информираат од Царината.
Благој Бочварски, министерот за транспорт и врски вчера изјави дека при излегување од државата, Царинската управа требало да направи редовна контрола при секое напуштање на автобус со патници.
„По добиените информации од МВР за опожареното возило, констатиравме дека тоа не било пријавено и поради тоа го нема во базата на Министерството за транспорт и врски. Превозникот е должен веднаш, а најдоцна за 15 дена, да ги пријави сите промени настанати во поглед на исполнување на условите, тоа е пријавување или одјавување на возило или возач“, изјави вчера Бочварски.






