недела, 3 мај 2026

Четирите часа работа во петок предизборна мамка за администрацијата или мотив за поефикасна служба за граѓаните

Објавено на

часот

Сподели

На 17 септември за јавноста е објавен текстот на предлог законот за административни службеници, а членот 55 е тој што најмногу боде очи. Во него пишува: „Полното работно време на административните службеници изнесува 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и 4 часа дневно во петок, доколку со закон и/или колективен договор поинаку не е утврдено”.

Се огласија универзитетски професори кои оценуваат дека се работи за хипокризија зашто ќе се работи пократко во однос на приватниот сектор, кој пак е главниот финансиер на државниот апарат. Социјалните мрежи се полни со коментари дека сега ионака задоволната администрација ќе може во петок да си замине рано дома, да се оди на викенд во Грција или во Охрид, или да се оди на петочна молитва без да се бега од работа или да се бара одобрение за излегување. 

„Нема некои специфични причини за ваква одредба од тој тип како што ги наведувате. Идејата да се изготви нов закон за административните службеници е администрацијата да биде позадоволна со работата и на тој начин да стане поефикасна во работењето и поуслужлива кон граѓаните во чија е служба. Текстот на законот е во согласност со другите закони, како и со одредбата дека работната недела може да биде пократка од 40 часа, но не и пократка од 36 часа. Оттаму го црпиме ова решение, го ставивме овој предлог во текстот на законот и го објавивме за да видиме каков ќе биде одгласот во јавноста и секако какви ќе бидат консултациите со засегнатите страни. Па ќе процениме потоа дали овој предлог ќе остане или не”, вели во разговор за МКД.мк Александар Бајдевски, заменик министер за информатичко општество и администрација, чие мининстерство го изготви предлог Законот за административни службеници.

Но, зошто токму петок е посочен во законот кога администрацијата ќе работи само четири часа?

Бајдевски вели дека тоа не мора да биде петок, туку дека се оди на линијата до 36 часа работна недела кои часови може да се прераспределат и поинаку.

За критиките во стилот: „администрацијата се преработи па треба и да се награди”, Бајдевски вели дека администрацијата е соочена постојано со такви критики и дека дел од јавноста има лоша претстава за неа, дека е трома, неефикасна, незаинтересирана за работата.

„Дел од критиките се точни. Има вина кај административните работници, има вина во делот на организацијата. Но не секаде, не во сите институции има такви појави. Во некои институции административните службеници имаат многу работа, а нема доволно вработени. Некаде пак, има непотребно голем број вработени, во други сектори не е така и таму вработените се и ефикасни и пренатрупани со работа. И тоа се прашања што треба да се разрешат со овие закони. Администрацијата треба да биде мотивирана за својата работа, зашто таа е во служба на граѓаните. Граѓаните треба да бидат задоволни, зашто сите ја плаќаат таа администрација”, вели Баjдевски.

Тој нагласува дека во исто време се изготвени и на јавен увид дадени и законите за вработените во јавен сектор и за високораководната служба кои се надополнуваат еден со друг.

На прашањето зошто јавноста е затечена и зошто дел од стручната јавност реагира дека не е консултирана, Бајдевски вели дека министерот Јетон Шаќири (кадар на ДУИ, н.з.) имал средби со луѓе од фелата, со претставници на институциите, со универзитетски професори, со претставници на невладини организации.

„Имаше различни дискусии и коментари, ние сите темелно ќе ги разгледаме и анализираме, како и сите нови идеи и забелешки и ќе формулираме законски предлог. Ние се водевме од идејата која постојано е главен предмет на дискусија, како администрацијата да стане поефикасна и позадоволна со работните обврски”, вели Бајдевски.

Тој нагласува дека дигитализацијата во државната администрација е врвен приоритет и дека целта е преку порталот за електронски услуги да се постават што повеќе услуги, со цел граѓаните да не одат во институциите и по шалтери, а услугата брзо и на лесен начин да ја добијат. Корона периодот не насочи што повеќе да работиме на дигитализација и резултатите се видливи во многу сектори колку комуникацијата со граѓаните е олеснета и колку тие побрзо можат да ги завршат своите обврски, но ив побрзо да добијат услуги важни за нивниот бизнис.

Бајдевски вели дека со трите нови законски предлози целта е да се подобрат вкупните состојби во државната администрација, како на планот на вработувањето, така и на оценувањето на работата на вработените, нивните плати, надоместоци, бодувањето. Некои административнци, нагласува тој, поради несоодветно бодување излегува дека имаат плата пониска дури и од минималната во државата.

Во поглед и на другите законски решенија заменик министерот вели дека заедно со вицепремиерот за борба со корупцијата Љупчо Николовски е разговарано со Антикорупциската комисија за да се намалат дискрециските овластувања кај директорите и функционери и за намалување на политичките влијанија врз институциите. Целта е што подобри решенија да се утврдат во поглед на постапката за поставување на одредени функции, зашто многу постапки се измешани во разни закони.

Бајдевски вели дека е важно да се најдат добри решенија за намалување на бројот на административните работници преку реорганизација, но и прераспределба во приватниот сектор. Тој признава дека е мал интересот државната работа да се замени со работа во приватниот сектор. Едно од решенијата беше и задолжителното пензионирање на 64 години, токму со таква цел, на местото на постарите кадри да дојдат млади и постручни лица.

Во предлог законот за административците се оди и со можноста на државни советници за кои нема да се најде работно место, да одат во пензија доколку имаат 55 години старост и 15 години работен стаж.

Зошто досега не е влезена во никаква процедура идејата на владејачката партија промовирана пред година и пол, да се овозможи пензионирање пет години порано од задолжителниот рок за сите граѓани, со цел по примерот на една од балтичките земји пред се да се растовари државната администрација од постарите кадри кои не се веќе мотивирани за работа, ниту ги владејат новите технологии како што тоа го можат младите, Баjдевски вели дека се прават анализи и за оваа идеја.

„Многу фактори треба да се оценат, како од аспект на отпремнините, така и од аспект на синдикатите кои ги штитат интересите на работниците. Не се секогаш подготвени за пензија вработените на кои работата не им е тешка или сложена. Мора да се има добра и целосна анализа, со вклученост на експертите, зашто сите работници имаат еднакви права. Во таков случај некои сектори може да останат осиромашени за кадар, други пак да останат со непотребно голем број вработени”, вели Баjдевски.

П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ