Законодавството на ЕУ предвидува низа правила за лиценци и дозволи за превоз и од оваа институција, не е исклучено тие да биле прекршени, но Европската Комисија не се меша во истрагата, информира МИА.
Од ЕК велат дека одговорноста за надзор и проверка на документацијата и спроведувањето на законите на ЕУ е во рацете на земјите членки на Унијата.
Доколку се утврди во истрага дека превозникот патувал со нелегална или фалсификувана лиценца, може да се очекува Европската Комисија да осуди ваква пракса која не само што е закана за „слободната конкурентност во ЕУ”, туку претставува загрозување на животите на патниците.
Македонското Министерството за транспорт и врски во вторникот соопшти дека автобусот што се запали во Бугарија, го нема во електронската база на податоци и дека немал извод од лиценца за меѓународен транспорт на патници. Царинската управ започна истрага за пропуштањео на автобусот без валидна дозвола.
Според правилата на ЕУ пак, не би смеело автобусот да има добиено лиценца во Бугарија, бидејќи европското законодавство не дозволува издавање на лиценци на оператори чии возила се регистрирани надвор од земјите членки на ЕУ.
ЕУ, Турција и Македонија се потписници на мултилатералниот „Интербус договор”, според кој не е дозволена трговија со лиценци, велат од ЕК и нагласуваат дека Бугарија не смее да дава ЕУ – лиценца на оператори од трети земји, а со тоа ниту да издава свои дозволи за патувања во рамките на „Интербус“ на возила регистрирани во трети земји, односно вон ЕУ.
Што се однесува до информацијата дека „Беса транс“ имала седиште и во Ќустендил заедно со 22 други македонски компании на адреса во која живее постара жена, како што јавија бугарските медиуми на денот на несреќата, тука правилата на ЕУ се тие на „Пакетот за мобилност 1“.
Според оваа законска рамка Европската Комисија може да побара од земја членка на ЕУ да спроведе индивидуални контроли за да провери дали претпријатието ги исполнува условите за дозвола за етаблирање на патни превозници, вклучително тука и условот кој предвидува „стабилно и ефективно етаблирање” на одредена адреса. Односно да се утврди дали навистина компанијата е етаблирана на таа адреса.
Вакви нелегални пракси не се невидени во ЕУ, поради што Европската Унија го усвои токму тој Пакет за мобилност, чии нови правила ќе стапат во сила од почетокот на 2022. Овие нови правила предвидуваат зајакнување на одредбите за „стабилно етаблирање” и ги зајакнуваат критериумите.






