„Во предизборниот период кај МРТ1 не беа евидентирани дебатни соочувања на учесници во изборниот процес, кои Јавниот радиодифузен сервис е должен да ги организира според членот 76-а став 11 од Изборниот законик. Обврската за известување на знаковен јазик за лицата со оштетен слух, ја исполнија единствено МРТ1 и ТВ 24 Вести.
Темата за фаталниот пожар на модуларниот ковид-центар во Тетово ги покри сите актуелни, внатрешнополитички и општествени теми од трагичниот 8 септември натаму. Сè повеќе информативни редакции се решија предизборниот период да го пополнат со интервјуа, медиумски скици на кандидатите за градоначалници, со апостроф врз дванаесетте партиски и независни опции за градоначалник на Скопје.
Голем дел од медиумската содржина беше преокупирана со повеќедеценискиот меѓупартиски ривалитет и новинарскиот осврт кон таа неконструктивна политизација на сите општествени сфери, ја релативизира, односно ја прави двосмислена дури и содржината на вестите и на извештаите.
Преовладувачки впечаток од мониторингот на медиумскиот пристап кон партиските или кон независните изборни опции, е дека темите кои логично се очекуваат во предизборниот период – урбанистичките и социјалните состојби, зафати и планови, отчетноста на локалните власти и, пред сè гласот на граѓанинот во однос на (не)квалитетот на постојните градски политики – го губат јавниот, медиумски примат, па и тие се проследуваат низ нагласено поларизирана партиска визура“, се вели во информацијата на Агенцијата поврзана со вториот извештај за мониторингот на националните телевизии.






