Со повикот се предвидува кофинансирање во висина од 50 проценти од вредноста на набавениот уред или панел, односно најмногу до 10.000 денари по производ.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, посочи дека мерката има за цел да го поттикне користењето на енергетски ефикасни и еколошки прифатливи решенија во домаќинствата, со што директно се придонесува за намалување на загадувањето и подобрување на квалитетот на живот.
Право на учество имаат сите граѓани со постојано живеалиште на територијата на општината кои ќе набават инвертер клима или соларен панел од 18 мај 2026 година, па сè до исцрпување на предвидените средства, при што субвенцијата може да се искористи еднаш по семејство.
Барањата ќе се разгледуваат по редослед на пристигнување, по принципот „прв дојден, прв услужен“, а надлежната комисија ќе може да изврши увид на лице место за потврда на поставената опрема.
Од Општина Илинден информираат дека сите заинтересирани граѓани дополнителни информации за условите и потребната документација можат да добијат во просториите на општината или на официјалната веб-страница.






