Судскиот процес го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова.
Одбраната на дел од обвинетите пред почетокот на денешното рочиште побара од Судот да достави барања до МВР, БЈБ и УЈП за обезбедување докази, декласификација, како и право на увид на вешто лице што е најавено да прави вештачење.
Обвинителката Спасенка Андонова по предлозите на одбраната рече дека ќе се произнесе откако ќе бидат обезбедени и ќе направи увид и анализа.
„Имајќи предвид дека одбраната има доставено дел од листата на докази со прилози, дел од одбраната денеска доставува докази, а голем дел се со барања од институции од кои не им е одговорно и бара од Судот таквите барања да им бидат одговорени, Обвинителството по тие ќе се произнесе откако ќе бидат обезбедени и ќе направи увид и анализа“, рече обвинителката.
Одбраната на Димче Аврамов, бараше од Обвинителството и Судот да се обезбеди доказ од предмет за кој веќе е запрена постапката, а како што посочи докажува дека обвинетиот три години барал увид во документацијата за Пулс и не давал согласност и дека ја потпишал по наредба на повисок старешина.
„Само тој доказ го бараме да биде обезбеден“, изјави одбраната.
ОЈО-ГОКК ги товари сите деветмина за “Злоупотреба на службената положба” за тоа што во период од една година пропуштиле да преземат службени дејствија и неопходни проверки од аспект на јавната безбедност и сообраќајните решенија, а кои биле неопходни од аспект на обезбедувањето на одобрение – лиценца за работа на дискотеката Пулс.






