Како што соопштија од обвинителството, се бара замрзнување на 10 нови товарни и приклучни возила, набавени во 2025 година за правно лице со седиште во Белград, за кое е утврдено дека има сопственичка поврзаност со лице против кое е поведена истрага на 9 октомври.
Се работи за сопственикот на „Марковски компани“, бизнисменот Борче Марковски, кој од 11 октомври е во ефективен притвор, откако Кривичниот совет во Основниот суд во Битола ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола, откако судија на претходна постапка му изрече куќен притвор. Фирмата на Марковски со години ги добиваше милионските тендери за ископ на јаглен во РЕК Битола, а тој е почесен конзул на Белорусија во Македонија. Сега е замрзната и фирма во Белград која е поврзана со името на Марковски.
„Од српските органи побаравме да се спречи секое располагање со возилата – нивно отуѓување, оптоварување или пренос на сопственост – бидејќи постои сомнение дека тие претставуваат посредна имотна корист стекната со кривични дела опфатени во истрагата,“ наведуваат од обвинителството.
Дополнително, од српските власти било побарано да се обезбеди и отвори сеф во банка во Србија, за кој е утврдено дека го поседува осомничениот, со цел да се провери неговата содржина.
„Поднесените барања се прифатени и српското обвинителство веќе издаде наредби за замрзнување на наведениот имот,“ информираат од обвинителството.
Покрај тоа, во рамките на истрагата се замрзнати и средства во износ од околу 30 милиони денари од сметките на осомничениот и неговата фирма во земјава. Обвинителството побарало и забрана за располагање со дополнителен имот – три стана во Скопје, парцела градежно земјиште и гаража стекнати во 2024 година, како и три товарни и едно патничко возило набавени во 2025 година.
„Постои основано сомнение дека целиот овој имот претставува принос од казниво дело и може да биде предмет на конфискација во иднина,“ додаваат од обвинителството.
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Битола на 9 октомври донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Од Управата за финансиска полиција (УФП) информираа дека поднеле кривична пријава против осум физички и едно правно лице за злоупотреби во РЕК Битола со кои е стекната противправна имотна корист во висина од 106.200.000 денари.






