Анализата на Министерството за здравство вели дека смртноста кај невакцинираните е драстично поголема. ж
„Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со коивид-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Заразените и починатите се вакцинирани со вакцини што ги има на располагање кај нас, како и вакцини Модерна и Џонсон и Џонсон, кои некои од пациентите ги примиле во странство“, наведува Министерството.
Рапиден раст е детектиран на реинфекции со ковид, во период од 15 август до 22 август.
„Институтот за јавно здравје анализирајќи ја неделната епидемиолошка состојба во државата има детектирано дека во период на една недела 54 лица кои еднаш биле позитивни на ковид, повторно се заразиле со вирусот. Ако се анализира состојбата од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август 2021 година, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот. Укажуваме на важноста од вакцинација, секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна, ја намалува шансата од заболување, спречува тешка форма на болеста и штити од смртен исход. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, велат од МЗ.
За вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози, ако притоа поминале најмалку 14 дена од примањето на втората доза.
Mинистерот Венко Филипче за прашањето на реинфекции со коронавирусот и за заболени иако се вакцинирани изјави дека станува збор за мали бројки.
„За оваа болест уште медицината не дала комплетни одговори. Веројатно ќе помине подолго време да се види зошто е тоа карактеристика на имуниот одговор, зошто има пациенти коишто имаат лесна форма на болест – некои средна, некои тешка, некои за жал умираат се лекуваат по истите критериуми како и тие коишто се спасиле, а имале тешка форма на болест и сите овие сценарија коишто ги имаме кај вакцинираните. Значи, се уште многу аспекти во однос на предизвикувачот во однос на болеста се непознати. Меѓутоа, тоа што се знае е дека вакцината сигурно за 20 пати го намалува ризикот од смртен исход. И сега кога гледате во болниците околу 85 проценти се невакцинирани и затоа е повикот, акцентот сега не само кај нас, туку насекаде во светот да се заштитиме со вакцинација“, рече Филипче.






