среда, 20 мај 2026

Половина од студентите се за онлајн предавања, другите за физичко присуство, МОН не е надлежно

Објавено на

часот

Сподели

Откако Универзитетското студентско собрание (УСС) на Скопскиот универзитет вчера соопшти дека предавањата од зимскиот семестар на 2021/2022 ќе бидат комбинирани (онлајн и со физичко присуство), претседателката на УСС на УКИМ Ева Цветковска денеска соопшти за анкетата што ја спровеле, според која е мала разликата во ставовите на студентите кои сметат дека наставата треба да биде целосно онлајн и оние што мислат дека сите треба да следат предавања со физичко присуство.

Рече дека чекаат препораки од експертите од Комисијата за заразни болести и од надлежните институции во која насока треба да се движат.

„Поради итноста, анкетата траеше само еден ден, но имаше голем одѕив. Обично имаме од илјада до две илјади одговори, а на оваа добивме околу седум илјади. Гласот на студентите е поделен речиси на половина – беше околу 200 гласови разлика дали да биде комплетно онлајн или комплетно со физичко присуство. Многу е тешко да се делат студентите на вакцинирани и невакцинирани и ничие право не смее да биде ускратено за слушање на предавањата и полагање на испитите врз основа на тоа дали се вакцинирани. Секој има право на избор дали сака да се вакцинира, некои не можат од здравствени причини да се вакцинираат. Затоа апелирам до надлежните да обезбедат алтернативни начини со кои студентите би можеле да се вратат во академските клупи. Мора да ја имаме предвид моменталната здравствена состојба и да го правиме тоа што таа ни дозволува, бидејќи вирусот е непредвидлив и зема многу животи и не знаеме колку сме спремни да се вратиме целосно во клупите, рече Цветковска која, сепак, ги повика студентите да се вакцинираат, а надлежните да помогнат со пунктови за вакцинирање на Универзитетот и обезбедување брзи тестови.

Министетството за образование и наука е надлежно за организирањето на наставата во основните и средните училишта, а универзитетите треба да се консултираат со Министерството за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести, рече министерката за образование и наука Мила Царовска на заеднички настан на Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ