Професори за МКД.мк велат дека Училишниот одбор законски е формиран и дека како што е тоа предвидено, во дневниот печат бил објавен оглас за кандидати за директор на училиштето за ликовна уметност и дизајн. На огласот се пријавил само еден кандидат, Димитар Филиповски, кој во минатото бил на таа функција и чија кандидатура била оценета како комплетна и уредна и потоа, без ниту еден глас против, Училишниот одбор ја утврдил неговата кандидатура и својот предлог го испратил до Министерството.

„Министерката Мила Царовска според законските рокови треба до петок да се произнесе, односно да потпише согласноста за избор на директор. Но, според најавите, токму во петок претседателот на парламентот Талат Џафери ќе ги распише локалните избори, по што не се можни нови именувања на функции до завршувањето на изборите. Стравуваме дека можеби се прави обид да се заобиколи законската процедура и волјата на членовите на Училишниот одбор и повторно да се назначи некој друг на таа позиција, иако во услови кога има кандидат, не може да се назначува в.д.директор”, велат професори.
На овој оглас не се пријавил досегашниот в.д. директор Филип Фидановски, кој функцијата ја извршуваше повеќе од година дена. За тоа време кулминираше незадоволство од неговото управување со училиштето, неговите одлуки мнозинството професори ги оценуваа како незаконски, се создал и отпор и нетрпеливост и поради неговиот, како што велат, неколегијален однос. Неколку пати се одржаа и протести пред Министерството, со барање за негово разрешување, беше повикувана и инспекција.

„Во изминатите месеци се разниша седум децении градениот углед на уметничкото училиште”, велат професори и нагласуваат дека не е добро кога се оди против ставовите и волјата на професорите по стручните предмети.Тие потсетуваат дека приемниот испит за нови ученици пред јавноста ја покажал сликата за незадоволството од состојбите во уметничкото училиште, кога членовите на комисијата за прием на ученици во знак на револт не дојдоа на работа во закажаниот датум на верски празник па в.д. директорот формирал „заменска” комисија, што предизвика загриженост кај децата и нивните родители.
Професори за МКД.мк велат дека како што тоа се покажало во изминатите месеци, мнозинството се единствени во барањата и порачуваат дека најавата за бојкот на наставата во септември треба сериозно да биде сфатена.
П.Џ.






