Украинската воена морнарица соопшти дека станува збор за бродот за превоз на рефусен товар „КСЛ Дејанг“, кој плови под знамето на Маршалските Острови, а е во сопственост на кинеска компанија и има кинески екипаж.
„Русија повторно покажа дека нејзините напади не ја загрозуваат само Украина. Сега во Црно Море во опасност се дури и бродовите на нејзините најблиски партнери“, објави морнарицата на Телеграм.
Портпаролот на украинската морнарица Дмитро Плетенчук реагираше со иронија.
„Ова е нешто ново“, рече тој. „Ме интересира што ги мотивирало Русите вечерва со дрон шахед во нашето море да погодат кинески трговски брод. Немаше жртви, но ова е нешто ново. Дали тоа беше ‘страшна грешка’, другари?“, напиша Плетенчук на Фејсбук.
Освен бродот поврзан со Кина, погоден бил и втор цивилен брод што пловел под знамето на Гвинеја-Бисао, изјави гувернерот на Одеската област Олег Кипер.
Двата брода се наоѓале во зона на чекање и се движеле по украинскиот поморски коридор кон пристаништата на Голема Одеса.
Кипер рече дека на двата брода по нападот избувнале помали пожари, но екипажите ги изгаснале.
Никој од членовите на екипажот не бил повреден, а двата брода го продолжиле пловењето кон пристаништето.
Нападите врз бродовите биле дел од поширок комбиниран руски ноќен напад врз Украина.
Особено силен бил масовниот напад со дронови врз Одеската област, каде што биле повредени две лица, меѓу кои и 11-годишно дете.
Кина и натаму е клучна за руската воена економија.
Иако официјално се декларира како неутрална, продолжува да купува руска нафта и да испорачува стока со двојна намена што ја користи руската војска.
Москва сè уште не се огласи за нападите.






