понеделник, 6 јули 2026
Две недели по настанот ОЈО Скопје поднесе предлог за мерки

Лицата кои избодеа дете во Маџари остануваат на слобода, за нив се бара да не го напуштаат Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерки на претпазливост за три лица осомничени дека во парк во Маџари извршиле насилство врз дете родено во 2011 година. Две недели по настанот овие лица остануваат на слобода, и за нив барање за притвор нема, туку се бараат мерки односно забрана да го напуштат Скопје и забрана за доближување до малолетникот кој ги избодеа, до неговите родители и местото на кое се случи настанот.

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираат од Јавното обвинителство, според првичните сознанија, осомничените на 22 јуни учествувале во насилничките дејствија кон малолетникот, го удирале со тупаници и клоци и му нанеле расекотини со нож по телото.

„Предложените мерки на претпазливост вклучуваат забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице или кај надлежен државен орган, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница“, се наведува во соопштението.

Дополнително, за осомничените се предложени и мерки за забрана за посетување на местото каде што се случил кривично-правниот настан, како и забрана за приближување или воспоставување какви било контакти со оштетеното дете и со неговите родители.

Од Обвинителството додаваат дека во меѓувреме продолжуваат да се вршат вештачења на пронајдените траги и се преземаат други дејствија во насока на прибирање докази за целосно расчистување на случајот.

Четиринаесетгодишното момче беше тешко повредено во брутален напад што се случил на 22 јуни во скопската населба Ченто. Според тврдењата на неговото семејство, тој бил нападнат без никаква причина од три лица додека се движел кон улицата „Финска“.

Напаѓачите најпрво го претепале, а потоа едно од лицата го избодело со нож седум пати во пределот на грбот. По нападот, момчето било оставено без свест, сè додека случаен минувач не го пронашол и не повикал Итна помош и полиција.

Повредениот малолетник беше итно пренесен во Ургентниот центар, каде што бил опериран.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ