Во интервју за МКД.мк познатиот лекар од Тетово и поранешен заменик министер за здравство Илир Љума вчера рече дека причините за големата смртност треба да се наоѓаат во несоодветни протоколи за лекување, лекување по шеми, наместо лекарски пристап во зависност од клиничката слика на болниот, ставањето на матичните лекари во втор план во рамки на здравствениот систем и секако, несоодветните рестриктивни мерки и непочитувањето на мерките од страна на граѓаните.
Инаку, нализите на Министерството за здравство покажуваат дека 83 отсто од новозаразените не биле вакцинирани, а меѓу хоспитализираните тој процент е 89. Само 10 отсто од починатите во август биле вакцинирани.
Најновата анализа на Министерството за здравство говори дека од 6 до 26 август се заразиле 17.020 граѓани во државата. Од нив, 2 924 лица или 17 отсто се целосно вакцинирани.
„Само 11 отсто од сите моментно хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани“, наведоа вчера од МЗ.
Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од три седмици на територија на државата починале 276 лица со ковид-19, 246 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 30 (10 отсто) примиле вакцина. Починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања.
Министерството за здравство информира и дека рапиден раст е детектиран на реинфекции со ковид-19 во период од 15 август до 22 август. Од почетокот на пандемијата, заклучно со 22 август, во земјата се детектирани 351 случај на повторно заразување со вирусот.
Во државата заклучно со вчерашните податоци на МЗ има 13.697 активни случаи на ковид-19. Од нив, во Скопје се 4.948, Тетово – 2.038, Гостивар – 1.501, Куманово – 868, Струмица – 675, Кичево – 634. Најмалку има во Дојран, само два случаја.
Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 173.689, на оздравени пациенти е 154.174, а на починати е 5.818.Бројот на активни случаи изнесува 13.697.
Како што изјави министерот за здравство Венко Филипче, болниците во другите градови низ државата за разлика од Тетово и Гостивар не се преполни. Тоа го поврзува со повисокиот опфат на вакцинација и се надева дека така ќе остане.
Како што соопшти Министерството за здравство, завчера биле вакцинирани 11.833 лица, од нив 7.625 со прва доза. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со завчера вакцинирани се вкупно 703.557 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.220.375 дози вакцини, а ревакцинирани се 516.797 граѓани.
Со последните бројки, се посочува во соопштението од МЗ, барем една доза вакцина имаат примено 51 отсто од населението над 40 години, како и 26 проценти од населението од 18 до 39 години. Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител.
Од Здравствениот центар (ЗЦ) Врање, пак, вчера соопштија дека кај нив се вакцинирале 13.300 Македонци, а се ревакцинирале 11 106 наши државјани.
Во врска со вакцинацијата се огласи и игуменот на свештената бигорска Обител, епископ Антаниски, господин Партениј, кој порача дека од вакцините во никој случај не треба да се прави теологија, ниту да се третираат како црковно прашање.
„Кој има недоумици, нејаснотии, нека се консултира со матичниот доктор, со некој друг специјалист за тоа, со некоја компетентна институција. Не е работа на духовниците да кажуваат за ефикасноста или опасноста од вакцините. Да не ги мешаме тие работи, бидејќи, во спротивно, гледате, тоа нè понижува сите, нè прави примитивни, декадентни, го понижува Христијанството, кое е вера на светлината, на просветлението, на возвишеното“, рече г. Партениј во едно од неговите слова одржани деновиве.
Христовата Црква, дополни тој, отсекогаш ја поддржувала и поттикнувала медицината.
„Апостолот и евангелистот Лука, на пример, бил лекар по професија. Првите организирани болници и медицински центри биле отворени во манастирите. Значи, Бог ги благословил лекарите и медицината“, вели тој.






