Од Министерството за здравство ја потврдуваат информацијата дека најголем дел од новозаразените случаи се граѓани што не се вакцинирале, патници вратени од годишен одмор или печалбари што летото традиционално го минуваат во Македонија.
Најголем дел од новите случаи од вчера се регистрирани во Тетово, и тоа 60, Скопје 34, Гостивар 21… Бројот на активни случаи во земјава изнесува 770, од кои најмногу се во Тетово 229, по што следи Скопје со 221, Куманово 72, Гостивар 68…
Според последниот извештај на Министерството за здравство, неколку општини се без активни случаи на ковид-19: Дојран, Македонска Каменица, Македонски Брод, Кратово, Демир Капија, Демир Хисар, Крушево, Богданци, Пробиштип, Виница, Крива Паланка, Ресен и Неготино.
Највисок е процентот на вакцинирани граѓани со прва доза во општините Гевгелија (46,2%), Кавадарци (46,1 %), Охрид (45%), Битола (43%), Ресен (42,9%), Неготино (42,3 %), Штип (41,1%)… Во Скопје просекот е 32,3%.

Бројот на заразени од ковид-19 во светот надмина 200 милиони. Забрзано се шири делта варијантата на вирусот и се заканува на областите со ниска стапка на вакцинација. Британските медиуми наведуваат дека случаите растат во барем 83 од вкупно 240 земји во светот и дека ги нарушуваат здравствените системи. Државите со ниски стапки на вакцинација бележат рекорден број хоспитализирани пациенти. Епидемиолозите предупредуваат дека „најмрачните денови“ допрва доаѓаат, бидејќи 97 проценти од сериозните случаи на инфекцијата се кај невакцинирани лица. Делта-сојот, првпат откриен во Индија, е заразен како варичелата и е многу позаразен од обичната настинка или грипот.
Пандемијата досега предизвика речиси 4,4 милиони смртни случаи.
А.Д.






