„Многу порано требаше да се реагира со тестовите и влезот на нашите државјани од надвор, сега сметам дека е веќе доцна, бидејќи делта-сојот веќе дојде и кај нас. Ако има четири потврдени, којзнае колку има непотврдени случаи на овој сој, којшто во затворено буквално се пренесува со ракување и за помалку од минута контакт со заразено лице. Овде кај нас дијаспората е масовно дојдена и за жал овој пат заедно со парите, ни донесоа и нов сој на вирус. Огромна бројка наши државјани има и во Германија и сметам дека мора да има еднонеделна изолација за сите што влегуваат во државава. За пандемијата од ковид-19 има мерки за спречување и мерки за ограничување. Оние за спречување веќе се задоцнети, а сега ни следат мерките за ограничување, кои треба да спречат поголема катастрофа“, вели д-р Лазаров, кој учествуваше и во хуманитарни акции за собирање и донирање витамини за заразените од ковид-19 што не беа во можност да ги купат.

Тој апелира сите, дури и оние што се вакцинирани, да бидат внимателни, бидејќи делта-сојот е за 60 до 70 отсто со поголема инфективност за разлика од британскиот сој, а не пак со онаа првата варијанта каде што за да се заштитиме беше доволна заштитна маска и растојание од 2 метра.
„Триесет до 60 секунди се доволни за да заразен од делта сој ви го пренесе вирусот буквално на разминување во затворен простор. Од него во затворено штити само респираторна маска, но не и обичната. Овие мутации се сметаат како нов тип на вирус и не можеме да се опуштаме и да сметаме дека ете пандемијата е завршена, вакцинираме сме и нема да се заразиме. Од овој сој различна е и клиничката слика. Во овој момент единствен спас од смртни случаи ни е масовна вакцинација, бидејќи најголем број од оние кои се заразени со делта сојот се невакцинирани. Сега треба да се направи локален локдаун по примерот на Австралија, и да се затворат местата каде има случаи, односно една недела да се затвори Велес, бидејќи на тој начин ќе ја намалиме трансмисијата. Овој пациент од Велес кој што е заразен не ни може да знае со кого се поздравил во периодот пред да знае дека е заразен. Ако претходно во епидемиолошката анкета се прашуваше пациентот со кого си бил подолго од 15 минути, сега тоа се сведува на поздравување и контакт од една минута. Во затворен простор доволно е само поздравување и контакт без маска на разминување Ако на свадба во затворено има 250 гости и има само еден заразен со делта сојот, ќе се заразат сите кои се невакцинирани, како и дел од оние кои се вакцинирани. Според мене, апсурдно е да има свадби од четврток до недела.”, додава д-р Лазаров.

За тоа која од вакцините штити од тешка клиничка слика д-р Лазаров појаснува дека од тешка клиничка слика штитат сите вакцини, но нагласува дека кинеските не штитат доволно.
Појаснува дека дека децата се најголеми преносители на вирусот, но тоа не значи дека се заштитени.
„Сите вакцини штитат од тешка клиничка слика, но кинеските не доволно, особено Синовак. Со новиот делта сој би имале симптоми кои може да одат од крајност во крајност и треба да се внимава. Децата не се загрозени, но сепак може да настане и сериозна болест и кај нив и најголемиот проблем е тоа што се преносители, а не можеме да ги вакцинираме. Рано да се каже дали треба да се вратат во училиште, ако биде состојбата ваква, да, но не верувам дека ќе остане вака. Мислам дека треба интензивно да се спремаат за онлајн настава отколку да се форсираат да се вратат во училиште. Опасно е ако има зголемување на случаи од новиот делта сој да одат во уллиште, дури и да се сите дома повозрасни и вакцинирани”, дополнува докторот.
Тој вели бидејќи делта сојот стаса и кај нас, стравува дека во периодот што доаѓа ќе глумиме привидно нормално, но нема да е така и пак ќе се враќаме на почеток и ќе бидеме затварани.

Делта сојот за прв пат беше идентификуван во Индија во декември минатата година. Брзо се прошири низ Индија, а потоа и во Велика Британија, предизвикувајќи сè поголем број заразени и мртви. Првиот случај на зараза со делта-сојот во Соединетите Држави беше дијагностициран пред неколку месеци и бројот на заразените сега се зголемува.
Делта-сојот брзо се рашири низ целиот свет и досега е откриен во најмалку 98 земји. Сега е доминантен сој во многу различни земји, како Велика Британија, Русија, Индонезија, Виетнам, Австралија и Фиџи. И е во подем. Делтата се шири и во Европа.
СЗО на 11 мај го означи делта-сојот како загрижувачка варијанта, со што тој стана четвртата таква варијанта.
Пациентот од Велес кој е заразен со овој сој се вратил од Англија.
К.Д.






