Како што рече, сите граѓани кои се вакцинирале во странство кога ќе приложат валиден сертификат дека е тоа направено во друга држава, пример во Србија, ќе бидат регистрирани за трета доза, што значи дека ќе можат да ја примат кај нас и за тоа да добијат наш валиден сертификат.
Филипче рече дека вакцини во овој момент има доволно, а според проценките, ќе има и следната година.
Министерот информира дека засега само американската агенција има дадено препорака за трета доза на Фајзер вакцина, но кај имуно компромитирани пациенти. Филипче вели дека според анализите, трета доза на Фајзер вакцина – бустер доза, значајно ја зголемува нејзината ефикасност.
„Во овој момент траат испитувањата во однос на тоа каков ефект има третата доза на вакцина. Една од последните студии која излезе беше студијата во Израел, која што укажа на тоа дека значајно се зголемува ефикасноста после дадена трета доза од вакцините. Според нашите сознанија, компанијата Фајзер е најдалеку отидена во овој дел“, изјави Филипче во гостување во дневникот на Сител.
Според него, на тој начин значајно се зголемува ефиканоста кон сите соеви на коронавирусот.
„Европската агенција за лекови се уште нема дадено препорака, па ние ги очекуваме препораките, како од производителите, така и од големите клинички студии базирани на големи серии на пациенти“, додаде министерот Филипче.
Според него, истражувањата одат во таа насока дека после шестиот месец да се прими и бустер доза.






