Таравари нагласил дека Општина Гостивар е подготвена во функција на поголем опфат на населението со вакцинацијата на здравствените институции да им отстапи свои простории, меѓу кои и спортската сала.
Во заклучоците од состанокот е наведено дека ситуацијата е сериозна, но под контрола и дека мора да се апелира до граѓаните да се придржуваат до препораките на институциите.
„Апелираме до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи вакцинацијата е најдобрата заштита од оваа болест, што е утвдрено со голем број на светски истражувања. Општина Гостивар ги отстапува своите капацитети за отворање на нови пунктои за вакцинација на територијата на Гостивар”, изјави Таравари.
Во врска со одредени барања општината да се стави во карантин, на состанокот Таравари истакнал дека тоа прашање не е во надлежност на локалната власт и дека сѐ додека локалните здравствени институции тврдат дека ситуацијата е под контрола, нема потреба од такво нешто.
„Внимателно го слушав директорот на болницата и претставникот на Здравствениот дом и среќен сум што ситуацијата е под контрола и што има капацитети за справување со проблемите. Независно како на тоа се гледа однадвор, вакцинацијата во Гостивар, внатре во Здравствениот дом, се одвива без пречки. Ние како општина немаме надлежности за карантинска мерка и додека тоа не го бараат соодветните институции, нема да направиме такво нешто”, нагласил Таравари.







